Тинејџер плутал 49 дена, го спасил панамски брод
Алди Новел Адиланг во понеделникот рече дека ја вклучувал силната рибарска светилка секојпат кога ќе видел некој брод, а дека не може да преброи колку многу бродови поминале „несвесни за моето искушение“.
Конзулатот на Индонезија во Осака, Јапонија, објави дека деветнаесетгодишникот бил спасен од панамски брод на 31 август, во близина на островот Гуам, 1.920 километри од местото од кое го однело морето, а во Индонезија се вратил неодамна, пренесе Гардијан.
Од својата 16-та година тој работи на едно од најсамотните работни места во светот: на „ромпонг“ – дрвен сплав со колипка, ја одржува и ја пали светилката чија светлина ги привлекува рибите во текот на ноќта. Неговата платформа била вкотвена 125 километри од брегот на архипелагот Сулавеси.
Брегот на островот не може да се види од рибарските сплавови, а многубројните „ромпонзи“ меѓусебно се оддалечени по неколку километри, рече мајката на Адиланг, Нет Кахининг. Потребните резерви, вклучувајќи храна и гориво за генераторот, им се носат еднаш неделно, или поретко. Чуварите на платформите, кои заработуваат 130 долари месечно, преку рачно радио, воки-токи, комуницираат со рибарските бродови кога ќе се приближат.
„Бев на сплавот еден месец и 18 дена, а храна снемав веќе по првата недела“, рече Адиланг. Бидејќи со денови немало дожд, „ја пиев водата што ја цедев низ облеката, која ја натопував во морето“.
Неговиот татко, Алфијан Адиланг, рече дека семејството е пресреќно што тој се вратил, но дека е гневно на неговиот работодавец, бидејќи ова е трет пат момчето да биде однесено од морето откако платформата се откачила од сидрото. Двапати претходно бил спасен од бродот на сопственикот, рече младиот човек.
Сплавовите со јажиња се врзани за сидрата, а Алди Адиланг вели дека се кинат од силното триење од платформата поради брановите.
„Мислев дека никогаш повеќе нема да ги сретнам моите родители, па затоа се молев секој ден“, рече тој.
На Адиланг животот му го спасило мобилното радио, воки-токи.
„Беше рано наутро, на 31 август, кога видов еден брод, ја запалив светилката и во радиото викав ‘Помош!’“, рече тој.
„Бродот помина на милја од мене, но потоа се сврте кон мене. Можеби затоа што употребив англиски збор“, рече тој. „Потоа се јавија на радиото.“
Бродот „Арпеџо“, кој го спасил Адиланг од морето кај Гуам, стапил во контакт со индонезиската мисија во Јапонија кога впловил во Токујама, а претставници на конзулатот во Осака го презеле на 6 септември. Се вратил во Индонезија на 8 септември.
Адиланг, кој има четири постари браќа и сестри, рече дека повеќе не сака да работи на „ромпонгот“.