Петер: Губење милијарди евра помош и можна дестабилизација на денарот ако не бидете дел од ЕУ
Губење на милијарди евра финансиска помош од Европската унија, намалување на странските директни инвестиции и можност за дестабилизација на денарот што ќе предизвика притисок врз банкарскиот сектор, се дел од последиците со кои може да се соочи Македонија доколку не влезе во Европската унија.
Ваков став изнесе денеска претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, додавајќи дека со невлегувањето во Унијата постои можност да се намали увозот и извозот, компаниите да ја изгубат конкуретноста и младите квалификувани кадри да се иселуваат надвор од државата. Според него, земјата би била кредитно поспособна доколку е дел од Европската унија, отколку кога би била надвор од Унијата.
На прес-конференцијата во Стопанската комора на Македонија, Петер посочи дека како странски инвеститор и претседател на Советот за странски инвеститори сака да ја види Македонија интегрирана во Европската унија бидејќи со тоа ќе има подобри деловни услови и за бизнисмените и за вработените.
– Секој може да донесе одлука во недела, но не е важно само како ќе гласате. Прво, важно е да излезете на гласање и активно да учествувате во демократијата. Потоа немојте да бидете себични и да разлислувате само за себе, туку размислете и за последиците од вашиот глас за иднината. За да функционира демократијата, мора да бидеме нација која учествува, а не само да набљудуваме. Оној кој не гласал, го губи правото да се жали – порача Петер.
По 30 септември, како што посочи, животот продолжува, но не е сигурен дали Македонија би можела да живее во поповолни услови доколку не е дел од Европа.