Осигурителните компании донесоа економска стабилност и сигурност во земјава
Кога повеќето луѓе ќе слушнат за осигурување, најчесто прво помислуваат на осигурување на домот, возилото или одредени предмети кои можат да се оштетат. Но, малкумина го земаат предвид осигурувањето како начин да се заштити сето она што вреди и ефектот кој овој механизам може да го има на стабилноста на индивидуалните финансии, компаниите и нивните индустрии, па дури и целата државна економија.
Главната причина за постоењето на осигурителните компании е да обезбедат заштита за нивните клиенти. Без разлика дали се работи за физички или правни лица, сите од нас имаат потреба да го заштитат она што го имаат.
Каква е всушност улогата на осигурителните компании во економскиот развој? Полисите за осигурување имаат неколку важни функции во економијата не само поради тоа што обезбедуваат заштита против финансиски загуби, туку и го прават инвестирањето побезбедно, го поттикнуваат растот на економијата, преку осигурување на извозот го поттикнуваат развојот на македонсите компании, помагаат за стабилност и поголема сигурност во економијата, посебно во време на криза.
“Осигурителните компании помагаат во управувањето со ризикот на поединци и бизниси. Со пренесување на ризикот на осигурителни компании, бизнисите и поединците можат да се фокусираат на своите основни активности без да се грижат за непредвидени настани како што се пожари, кражби, несреќи и природни катастрофи. Преку осигурувањето, поединците и бизнисите имаат зголемена доверба и сигурност дека можат да се справат со потенцијални загуби. Ова ја подобрува економската стабилност и ја стимулира потрошувачката и инвестициите” смета Александар Манев Генерален Директор на Кроација Осигурување, Друштво за неживотно осигурување.
Претприемачите го осигуруваат бизнисот за финансиски да се заштитат во ризични времиња, но и за да бидат сигурни партнерите, соработниците, вработените и нивните семејства да не претрпат големи загуби во случај нешто да ѝ се случи на компанијата.
Осигурителните компании се важен елемент во склоп на домашната економија, кој ѝ овозможува на истата да расте и да се развива како што се развиваат можностите и барањата на „играчите“ на пазарот.
“Осигурување е актуелна и уште поважна тема во време кога економијата е во криза. Посебно важно е за правните лица затоа што кризата веќе носи многу предизвици во оперативниот дел од работењето, па евентуална изложеност на дополнителни ризици, како на пример пожар, губење на залихи, поплава, кршење на машини, кражба, може да го загрози или целосно да го спречи работењето на компанијата.Токму затоа секој бизнис, без оглед на големината, треба да си обезбеди континуитет во работењето преку склучување квалитетен договор за осигурување што ќе ги ублажи сите ризици по компанијата. Само на ваков начин бизнисите ќе можат да се фокусираат на суштината на својата работа и на подобрувањето на резултатите.“ – посочува Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
“Не смееме да заборавиме и на моќниот ефект на осигурувањето во бизнис секторот, кое во случаи на непогода делува како подадена рака кое може да ја одржи компанијата или индивидуалецот во финансиски баланс, а во нормални услови им ја дава можноста на претприемачите да бидат храбри и иновативни, знаејќи дека се заштитени со полиса која им го овозможува тоа. Накратко, полисата за осигурување влева доверба дека следниот амбициозен чекор вреди да се направи, истакнува Климе Поповски”, експерт за осигурување
Осигурувањето ја прави нашата економија возможна, ја придвижува и го овозможува нејзиниот раст, истовремено давајќи им механизми за заштита на оние кои учествуваат во неа. Како сериозен фактор, осигурителната индустрија е клучна алка во структурата на домашната економија и без неа не може да се замисли прогресот на ниту едно развиено општество. Затоа, бидете одговорни за она што ви е важно и направете се’ што е во ваша моќ да го заштитите со полиса за осигурување според вашите потреби и можности.