„Езеро или пластика“ прозива уметникот Адем Сулејманоски, со делото поставено на брегот на Дебарското Езеро.
Ленд артот „Езеро или пластика“ на ликовниот уметник Адем Сулејманоски, посветен на загадувањето со пластични шишиња на езерото, е поставен на брегот на Дебарското Езеро.
Секоја година помеѓу 40 и 60 илјади пластични шишиња се слеваат во водите на Дебарското езеро. Овој проблем секогаш е актуелен напролет кога високите водостои на реките и потоците во Дебарско-реканскиот регион носат огромни количини пластичен отпад во езерскиот басен.
Интервенцијата се наоѓа на брегот на Дебарското Езеро во близина на селото Косоврасти. Ленд артот е со димензија 8х3 метри и е изработен од камен и мешани материјали. Идејата на овој ленд арт е да укаже на потребата од регулирање на собирањето отпад и намалувањето на езерото кое иако има квалитетна вода сепак е преполно со механички отпад каде доминираат пластичните шишиња и останатиот пловечки пластичен отпад.
Ленд артот е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ќе ги работи оваа пролет во рамки на проектот „Лeнд арт и креативни акции врз оштетена инфраструктура“, кој е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество- Македонија.