Фризери, возачи и автолимари се членови на управни одбори
Малкумина знаат дека на пример, во Јавното комунално претпријатие – Петровец во Управниот одбор членува фризер со средно образование со претходно искуство како шофер. Или дека во Јавното комунално претпријатие Водовод – Илинден, во Управниот одбор членува автолимар.
Во Управниот одбор на ЈП за комунална дејност Маврово членуваат двајца со завршено само основно образование, исто како и во Управниот одбор на ЈП Кале, Центар Жупа.
За членовите на Управните одбори во јавните претпријатија многу малку се знае, иако тие се платени од парите на даночните обврзници, се слушаа ветувања дека истите ќе се ангажираат на транспарентен начин и согласно заслугите, но такво нешто досега не гледаме.
Институтот за демократија „Социетас цивилис“ објави студија со наслов „Кој тоа таму управува“ со детална анализа за лицата кои се кријат зад управувачките места во јавните претпријатија и независните државни тела и за тоа кој всушност седи во управните и надзорните одбори.
„Бројноста и надоместоците на членовите на управувачките структури заедно со непрецизираните критериуми во законската регулатива ги прави овие институции ризични точки за партизација и клиентелизам, што влијае врз квалитетот на нивното управување“, пишува во студијата.
Барања за информации од јавен карактер биле испратени до сите јавни претпријатија, компании во целосна државна сопственост, регулаторни тела, самостојни државни органи и самостојни управни органи, а побарани биле и биографиите на директорите и на членовите на управните и надзорните одбори, во периодот од август 2018 до јануари 2019. Од добиените одговори, направена e база на податоци за 1206 членови на управувачки структури која наскоро ќе биде објавена.
„Првичниот впечаток што се добива е дека биографијата како информација за именуваните лица е нешто што ретко е дел од досието, односно документацијата која институциите ја чуваат. Ова сугерира дека именувањето е повеќе формално, отколку процес на селекција во која низ компетитивна процедура се бираат најдобрите кандидати“, пишува во студијата.
Неискусни кадри на високи позиции
Најголемиот недостаток во процесот на именување на раководните структури, според студијата, е недостигот на искуство кај лицата на раководни позиции. Според анализираните биографии, повеќе од половина, односно 51 проценти од именуваните лица немаат искуство од областа на работата на институциите или, пак, тоа искуство е до пет години. Недостиг од искуство во работата се забележува и кај членовите на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија.
Друг проблем е степенот на образование. Па така, според анализата на ИДСЦС, пет проценти од управувачките структури во анализираните претпријатија имаат завршено само средно образование. Два проценти од директорите и 7 проценти од членовите на надзорните одбори исто така имаат завршено само средно образование.
Во надзорните одбори, кои треба да го надгледуваат материјалното и финансиско работење на институциите и се места каде што би требало да членуваат луѓе со правна и финансиска позадина, 22 проценти биле со техничка струка, 12 од општествените науки, а во одборите има дури и луѓе со уметност или хуманистички науки.
„Образованието е јасен формален критериум за именување утврден во законската рамка. Исполнувањето на критериумот лесно се утврдува со преглед на дипломи, а различната интерпретација е прилично тешка. Оттука, постоењето на вакви случаи фрла сенка на процесот на именување и го доведува во прашање базичниот интегритет на процесот“, се вели во извештајот.
Друг фрапантен податок е фактот што само 29% од управувачките структури припаѓаат на жените, што е во спротивност со политиките за промоција на родова еднаквост.
Нејасниот општ принцип на избор и недоследното следење на процедури се најголемите проблеми во системот на кој се задржува анализата на ИДСЦС.
Во анализата се заклучува дека фокусот мора да се стави и на искуството, а не само на степенот на образование. Друга мерка што се предлага е воведувањето транспарентни процедури за пријавување и избор во кој ќе биде вклучена и јавноста, а од новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата се бара и да се провери дали постоечките именувани лица ги исполнуваат критериумите за да бидат на позициите на кои се поставени.С