Плата 2.000 евра и работа до пензија – од вас се бара само да вклучите и исклучите светло

Шведската влада одлучи да финансира “експериментален уметнички проект“ во кој на избраниот кандидат до крајот на работниот век ќе му се исплаќа месечна плата од 2.060 евра.

Вработениот ќе мора секој ден да оди на железничката станица во Гетеборг и да ја внесе својата картичка со што светлото над платформата за патници ќе го означи “доаѓањето на овој важен и корисен работник на работа“.

Откако ќе го направи ова, тој може да оди и да прави што сака, а на крајот на смената треба само да ја извлече картичката и да го исклучи светлото.

Тој во секој момент ќе може да си даде отказ, а работата е негова се додека не си најде некое друго работно место.

На вработениот, освен плата, ќе му бидат исплатени и годишни бонуси, придонеси, а ќе има и право на годишен одмор.

Оваа, благо речено, чудна идеја е резултат на конкурсот на шведската Агенција за јавни уметности, каде што овој проект беше награден.

Наградата за победничката идеја е околу 667.000 евра, а уметничкото дуо кое го осмисли овој проект планира со добиените пари да го финансираат проектот наречен „Вечно вработување“.

Со парите уметниците сметаат дека ќе обезбедат плата за 120 години за ова клучна „позиција“, а мозоците зад проектот, Симон Голдин и Јакоб Сенеби, веруваат дека од овој фонд ќе успеат да исплатат и годишно зголемување на платата од 3,2 отсто.

Комисијата задолжена да ги разгледа пристигнатите проекти беше воодушевена од идејата, за разлика од голем број политичари од различни партии кои сметаат дека на овој начин се расфрлаат парите на даночните обврзници.

Некои мислат дека проектот е едноставно глупав и безвреден, со што се согласуваат дури и неговите креатори, со објаснување дека тие токму тоа сакале и да го постигнат.

Заинтересираните на конкурсот ќе може да аплицираат за оваа „високоодговорна“ позиција една година пред завршувањето на изградбата на железничката станица, што се очекува да се случи во 2026 година.

Translate »