Холандски авион летал над Скопје додека траел земјотресот

Постои една неверојатна коинциденција, бидејќи во мигот на катастрофалниот земјотрес во 5.17 минути, холандски авион го надлетувал Скопје. Пилотот бил вџашен од глетката, бидејќи наеднаш се кренала огромна прав над градот. Пилотот од воздух гледал што се случува на земјата, и тој бил единствениот кој имал слика пред себе за катастрофата во тој миг. Како директен сведок од авионот, меѓу првите на светот му ја соопштил тешката вест:

„Скопје е разурнато, во него има 50.000 мртви“!

Веста била неверојатна, дури и фантастична за светот, а пилотот проценката ја направил според она што самиот со сопствените очи можел да го види. Овој податок со авионот спаѓа меѓу првите известувања за катастрофата. Постојат, исто така, и други помалку познати детали за првите известувања, иако личностите кои тоа го направиле се главно познати.

Прв веста ја објавил капетанот на ЈНА Петар Јовиќ. Како тоа известување точно се случило?

Непосредно по земјотресот, не поминале ниту дваесетина минути, капетанот Јовиќ се јавил во воениот центар кој бил најблиску до Скопје, во градот Приштина. Со големи тешкотии успеал да објасни каква катастрофа се случила на градот на Вардар. Од воената едница каде што веста за земјотресот била доставена, таа веднаш стигнала и до Радио Приштина, која точно во седум часот објавила:

„„Скопје веќе не постои“!

Прв од новинарите и меѓу првите известувачи за катастрофата е и познатиот дописник на „Политика“ Јован Поповски. Со помош на еден од службениците на Поштата кој преку бандера воспоставил врска со белградска „Политика“, тој ја соопштил веста за катастрофата. Како искусен новинар и одличен познавач на Скопје, Јован Поповски вака драматично го опишува своето прво јавување: „Од другата страна на жицата беше секретарката од редакцијата на „Политика“, Рушка. Ја слушав како извика и ја пушти слушалката, ,Другари, Поповски е жив`. Врската беше воспоставена. Но, што да јавам? Тогаш видов дека дури немам ни бележник, иако на директорот на весникот му реков, ,Овде е голема катастрофа, дај да издадеме вонредно издание`. Тој ме праша дали имам напишан извештај. Му одговорив, го излажав: ,Се разбира, имам`. Но, сепак почнав да го диктирам извештајот. Можеби тоа ме .спаси` зашто во тој миг не верував дека можам да напишам некој текст што ќе им се допадне. Не, катастрофата беше толку многу голема, впечатоците толку многу, а шокот толку силен – што не бев способен да го опишам сето тоа. Во главата чувствува кошмар… Да бидам искрен, застанав и заплакав како дете. Но, никој не се осврнуваше на моите солзи. Таков беше денот“.

Кога станува збор за првите извештаи и видувања на катастрофалниот земјотрес во Скопје, треба да се наведе напорот и првото јавување на скопските железничари, односно на луѓето кои во тој миг се затекнале на работното место во зачуваниот, неурнат дел од станицата. Тие исто така меѓу првите испратиле известување со помошта на морзеовите апарати кои не биле целосно оштетени во Железничката станица.

 

Translate »