Финците се најсреќни луѓе на светот, на кое место се Македонците?
Финска втора година по ред се наоѓа на првото место на листата од 156 земји во кои живеат најсреќните луѓе.
Финска е на самиот врв на листата, а во топ 10-те се најдоа пет нордиски нации. Податоците се објавени во извештајот “World Happiness Report” и е креирана ранг-листа од 156 земји на светот врз основа на среќата на населението. Во обѕир биле земени фактори како животниот век, личната слобода, социјалната сигурност, социјалната помош и корупцијата.
Во релативно хомогената Финска живеат 300 илјади странци и жители со странски корени, а вкупниот број на жители е 5,5 милиони. Имигрантите доаѓаат воглавно од другите европски земји, но и од Авганистан, Кина, Ирак и Сомалија. Оваа земја се наоѓа на првото место со 7.769 бодови, Данска е втора со 7.600, трета е Норвешка со 7.554, четврт е Исланд со 7.494, а Холандија е петта со 7.488 бодови. Меѓу првите десет се и Холандија, Швајцарија, Шведска, Нов Зеланд, Канада и Австрија.
Од земјите од регионот, најсреќни се во Словенија (44-тото место), потоа следуваат Косово (46), Србија (70), Црна Гора (73), Хрватска (75), Босна и Херцеговина (78), Грција (82), Бугарија (97) и Албанија (107 место). Македонија е на 84-тото место.
Најнесреќни се во Јужен Судан, а пред нив, на дното на листата, се Централноафриканската Република и Авганистан.