Дали цените на патувањата ќе се зголемат во 2021-ва година?
Цените на меѓународните патувања оваа година ќе растат како резултат на зголемената побарувачка и сè уште ограничените летови. Ова го предвиде извршниот директор на „Booking.com“, Глен Фогел, цитиран од „BBC“.
Според него, повеќето авиокомпании сè уште работат со намалени летови заради ограничувањата наметнати во 2020-та година како резултат на пандемијата со Ковид-19.
Во меѓувреме, побарувачката за авионски билети постепено се зголемува со олеснувањето на мерките во развиените земји, но превозниците не брзаат да стават во функција повеќе авиони поради сѐ уште високото ниво на неизвесност.
Еден од главните проблеми на бизнисот е какви сертификати и тестови за имунизација ќе бидат потребни од одделни земји.
„Во моментов, насекаде се зборува за придобивките од патувањето што ќе важат за оние кои се вакцинирани, но плановите се различни во секоја земја. Јас, на пример, сум вакциниран, но како ќе го докажам тоа? Сметам дека сепак ни е потребна поголема јасност во врска со тоа“, рече Фогел.
Во моментов се развиваат неколку системи, вклучувајќи го патниот пасош на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, кој го тестираат неколку авиокомпании.
Европската унија размислува за воведување дигитален сертификат, кој е подготвен за употреба пред активната летна сезона.
Во исто време, идејата дека вакцинираните лица ќе уживаат повеќе права отколку невакцинираните предизвикува јавна дебата. Некои невладини организации веруваат дека ова е форма на здравствена дискриминација. Истата теза ја застапува Светската здравствена организација.
Сепак, директорот на „Booking.com“ не се согласува.
„Да, ако не сте вакцинирани, веројатно нема да можете да патувате на многу места. Но, јас не гледам проблем со тоа. Бидејќи која е алтернативата? Никој да не патува никаде? Тоа нема никаква смисла“, вели Глен Фогел.
Пред неколку дена, платформата за резервации ги објави своите финансиски извештаи, кои покажуваат пад на приходите за првиот квартал од 2021-ва година за 50% на 1,1 милијарда долари.
Слична е сликата во целата туристичка индустрија. Според Меѓународниот совет за туризам, вкупната вредност на обезбедените туристички услуги падна од 9,2 трилиони долари ширум светот во 2019-та година на 4,7 трилиони долари во 2020-та година.
Како удел во глобалната економија, ова претставува пад од 10,4% на 5,5%.
Сепак, според Фогел, сè уште има простор за оптимизам.
„Темпото на вакцинација во многу земји останува крајно бавно, но во Израел, Велика Британија и САД, каде имунизацијата е многу понапредна, веќе има зголемување на резервациите за патувања“, рече тој.
Според него, ова ќе се случи и во други земји кои успеваат да го забрзаат темпото на вакцинација.