Нови соби со експлицитни содржини повторно се појавуваат на ,,Телеграм‘‘
Нови „Јавни соби“ постојано се појавуваат на Телеграм. Откако руската апликација ја затвори главната со над 8.000 членови, од вчера се појавија неколку нови групи. Едната е со членови од Србија и Македонија, а во другата главно се луѓе од Македонија. Тоа што загружува е што од разговорите може да се заклучи дека голем дел од нив се и малолетници, најчесто средношколци.
Од полицијата велат дека се следат групите во кои се објавува порнографска содржина и лични податоци. Засега нема нови апсења на членови, а се уште не се пронајдени креаторите и администраторите. Полицијата во моментот работи на вештачење на одземените телефони од четворицата приведени.
Откако „Јавна соба“ го привлече вниманието на јавноста, Министерството за правда се подготвува за воведување на кривично дело „демнење“.
В среда граѓани ќе излезат на протест за поддршка на жртвите, но ќе побараат и институциите поактивно да се вклучат во расветлување на случајот „Јавна соба“.
Проблем е што МВР не може ваквите групи на руската апликација да ги затвори од Скопје. Тоа мора да го направат или Телеграм или креаторите и администраторите. Меѓутоа, Телеграм слабо соработува со македонските власти. Ја затвори само првата група, а сега се чека на бришење на останатите.