Жените за 18 отсто се помалку платени од мажите за истите работни позиции!
Женската популација во земјава зема 18 отсто помала плата од мажите за истите работни позиции. Просечната нето плата по вработен во јануари изнесува 24.517 денари, а жените според јазот во платите земаат за 18 отсто помалку. Секако ова е просек или т.н. неопределен јаз во платите меѓу мажите и жените, но сепак е показател дека овој феномен не е надминат, а состојбите, ниту во регионот, ниту во светски рамки не се во прилог на женското парично вреднување на извршување одредени работни задачи.
За факторите, препреките, но и мерките кои се преземаат за надминување на јазот дебатираа учесниците на настанот, кој се одржа во Скопје на тема „18 отсто помалку вредни: јазот во платите на мажите и жените, во организација на Центарот за истражување и креирање на политиките по повод Денот на еднаква плата за мажите и жените.
Повеќе фактори придонесуваат за јазот во платите, пред се поимањето на улогата на жената во општеството како мајка и онаа која се грижи за останатите членови на семејството, но тука се и предрасудите, кои коренот го имаат уште во почетокот на образовниот процес.
Стереотипи, родово предодредувачки улоги, неплатената работа на жената во домот
Повеќето жени во земјава избираат полесни работни позиции, често пати и скратено работно време за да можат по завршувањето на работниот ден да се посветат на нивната втора работа – грижата за домот, децата и постарите членови од нивното семејство, нешто за кое не добиваат паричен надомест.
Марија Ристеска, извршна директорка на ЦИКП вели дека главен фактор кој влијае на јазот на платите се стереотипите и родово предоредувачките улоги, кои одат во насока професиите на жените да се поврзуваат со нивната улога во општеството како мајка која се грижи за децата, за постарите членови од семејството, за целото семејство.
-Тие веројатно од тие причини и прифаќаат одредени професии кои се административни, имаат покусо работно време, кои не им предизвикуваат голем замор за да можат потоа да заминат на второто работно место кое ги чека дома. Имаме случаи кога видот и работните места се креирани за да може да бидат прифатливи за една жена, која знаеме дека ја чекаат уште шест часа неплатена работа во домот, за разлика од мажот кој поминува околу два часа неплатена работа во домот, истакнува Ристеска.
Стеротипи има од најрана возраст, што треба да учат машките, а што женските деца, на кои факултети се запишуваат девојчињата, а на кои момчињата. Како проблем се посочува и тоа што различно се вреднуваат работните места на кои работат мажите и жените.
Како пример Никица Мојсоска Блажевски професорска од Американскиот колеџ и извршна директорка на Македонија 2025 посоочи дека медицинската сестра како честа женска професија се смета за помалку ризична од електричар, како честа машка професија и затоа платите на електричарите се повисоки.
-За медицинската сестра се претпоставува дека е стабилно, лесно работно место, но ако размислите нивната работа е тешка, ако работат со стари лица треба да ги креваат, да ги седнат, да ги носат, имаат физичка работа и се под ризик, нагласува таа.
Можноста за напредување на жените е пониска од мажите, жените во текот на својата кариера, како да се соочуваат со одреден стаклен плафон, напредуваат до одредено ниво во компанијата и не стигнуваат до топ менаџерските позиции.
Разлики во платите за иста позиција креираат и дополнителни бенефиции, кои најчесто ги користат мажите поради нивната општествено прифатена улога кај нас, а која е поврзана со поголемата слобода што ја уживаат во дружењата со колеги по работното време, кои некогаш се пресудни за одредени промени на работното место.
Мојсоска Блажевски нагласува дека неформалното дружење дава голем ефект во напредувањето и зголемувањето на платите, понекогаш најважните зделки се склучуваат токму во кафеана.
-Мажите се послободни да одат и да се дружат и по работа и заради тоа полесно напредуваат, имаат повисоки плати и бенефиции. Жените вообичено поради семејните обврски и грижата за децата не можат да одат на службени патувања, кои исто така ги зголемуваат примањата, ограничени се во слободното време поради обврските кои ги чекаат дома, вели Мојсоска Блажевски.
Еден од факторите е и разликата во обуките на жените, тие поради раѓањето деца и грижата за нив имаат почести прекини во својот професионален живот, на нивните работни места, што доведува до губење на работните вештини и способности во рамки на тој период на отсуство од работа.
Стереотипи има и во називите за исти работни места, доколку ги работи маж се нарекуваат на еден начин, ако ги работи жена на друг – готвачката станува шеф, секретарката персонален асистент, а фризерката стилист.
Земјава потписник на Конвенцијата за еднакви плаќања, прописите тешко заживуваат во пракса
Северна Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за еднакви плаќања, таа е имплементирана во законите, мажите и жените треба да земаат исти плати за исти позиции, но сепак примената во пракса на ова начело не е толку едноставно.
Мојсоска Блажевски појаснува дека 18 процентиот моментален јаз е т.н. неприлагоден – се пресметува просечната пата на мажите и на жените и при тоа се утврдува разликата меѓу нив. Неприлагоден бидејќи на пример не се зема предвид дека можеби мажите кои учествувата на пазарот на трудот се пообразовани од жените, овој неприлагоден јаз дава една груба слика. Неприлагодениот јаз во ЕУ е околу 25 отсто, но таму, како што вели таа свеста за овој проблем е многу поголема и се преземаат повеќе мерки за негово намалување. Меѓутоа во земјава кога ќе се пресмета прилагодениот јаз, со кој се земаат предвид сите каракеристики на работник, што значи дека две лица поаѓаат од исти позиции според сите критериуми и се разликуваат само по полот, тогаш тој јаз во платите изнесува 20 отсто во корист на мажите.
-Тој јаз практично упатува на дискриминација, неприлагодениот не покажува. Прилагодениот јаз се дефинира како различна стапка на повраток на инвестирањето во образованието. Ова е карактеристично како за земјава, така и за цел Западен Балкан, во Европа прилагодениот јаз е понизок, вели Мојсоска Блажевски.
Емил Крстановски од Меѓународната организација на трудот нагласува дека јазот во заработувачката претставува најочигледен и најмерлив облик на диксриминација. Две истражувања се изработени, едно во 2011, друго во 2015 и двете покажале дека во земјава, како и во поголемиот дел земји во светот постои јаз во заработувачката.
Вели промовираат да постои објективен родово неутрален механизам со кој ќе можат да се евалуираат сите работни места и да се надминат оние родови разлики кои настануваат во однос на платите.
Меѓународната организација на трудот утврдила методологија, која може да ја применуваат сите работодавачи заедно со синдикатите. Содржи неколку фактори и подфактори со кои се утврдува вредноста на одредено работно место – главните квалификации, кои можат да се стекнат преку образование, обука, искуство, одговорноста која може да биде за предмети, пари или луѓе, напорот кој го бара тоа работно место, кој може да биде физички, ментален и психосоцијален, работните услови, каде спаѓаат на пример бучава, температура при која се работи, психолошки стрес, чести прекини во работата, изолација.
Дона Димов Марковска, од Организацијата на работодавачи вели дека членките на организацијата се работодавачи, кои ги почитуваат законите, колективните договори, директивите и конвенциите на ЕУ, но сепак се свесни дека имплементацијата и примената за законите понекогаш претставува пречка за остварување еднакви права на мажите и жените.
Напомена дека во оваа смисла треба да се земе предвид и структурата на стопанството, односно 91 отсто претставуваат микро компании, кои многу често немаат можност и немаат направени спецификации за конкретни типични работни места што може да претставува пречка за еднаква плата на мажите и жените.
Само половина од жените активни на пазарот на трудот
Само половина од жените во земјава се активни на пазарот на трудот, како вработени или невработени, тој процент кај мажите изнесува 77. И тука е голема разликата, во Европа на пример јазот меѓу мажите и жените во однос на нивната активност на пазарот на трудот изнесува 11 отсто.
Мојсоска Блажевски вели дека јазот во платите е само еден елемент на неповолната положба на жените на пазарот на труд.
-Од оние кои учестуваат на пазарот на трудот, кои се подготвени да работат, од нив мал процент, околу 40 отсто се всушност вработени. Јазот во стапката на вработеност меѓу мажите и жените е 20 отсто. Од оние жени кои работат, кај нив преовладува ранлива вработеност, односно околу една четвртина од овие жени работат како неплатени семејни работници, најчесто во земјоделството, нагласува таа и додава дека поголем дел од жените кои работат примаат ниски плати.
Додава дека оваа неповолна положба на пазарот на трудот произлегува од повеќе фактори, пред се поради грижата за децата и за семејството, но тука има и општествени и социјални причини, но ја споменува и културата.
Во истражувањата изработени во земјава со поддршка на УНВомен е забележано дека дел од жените не се вклучени на пазарот на трудот бидејќи сакаат да работат со скратено работно време поради културата што се негува во општеството.
-Тоа за нас беа неочекувани и непосакувани резултати. Сметавме дека тоа е пред се поради тоа што нема доволно градинки, нема домови за згрижување стари лица, но истражувањето покажа дека голем дел од жените особено оние кои не се активни на пазарот на трудот имаат таков тип на култура, според која – мајка која што работи не може да има близок однос со своето дете во споредба со мајка која не работи и тука е најтешко да препорачате мерки со кои би ја смениле културата, се отвора прашањето дали воопшто сакате да ја смените културата, можеби на нашата земја и одговара таа култура, истакнува Мојсоска Блажевски.
Жените поретко синдикално се организираат
Жените во земјава поретко синдиално се организираат, а синдикалното организирање е мошне важно во однос на зголемувањето на заработувачката, но и другите права на работниците.
Маре Анчева, генерален секретар на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство нагласува дека според последните истражувања во 2014 година само Словенија имала помал јаз од нашиот.
Голем процент од професиите во кои се плаќа минимална плата се во индустрии или во сектори во кои доминира женската популација, а воведувањето на минималната плата во 2012 година според некои истражувања придонело за намалување на родовиот јаз во платите кај најнископлатените работници во земјава. Во врска со најавеното повторно зголемување на минималната плата, Анчева вели дека начинот на примена на овој закон создава проблеми од друг вид во индустријата.
-Почнува да се плаќа труд со различна вредност еднакво со зголемувањето на мининалната плата. Масовна појава е дека работодавачите ги поместуваат нагоре најниско платените работни места, додека сите други плати остануваат исти и на тој начин најниско платените работни места, ако условно кажеме дека се за труд со најниска вредност, тие добиваат повисока плата и се изедначуваат со плаќањето на трудот од повисока вредност, нагласи таа и додаде дека субвенционирањето на порастот на минималната плата, кое било понудено во 2017 го искористиле околу осум илјади работници, а Владата во своите проекции била подготвена да плати субвенции за 80 илјади работници.
Нагласува дека ова наговестува дека постои простор за зголемување на минималната плата и оти тоа е еден од начините за намалување на јазот, но додава дека оваа мерка не треба да се применува како што досега се правеше.
Генерално во светски рамки јазот во платите меѓу мажите и жените е намален, но според проценките на Светскиот економски форум со сегашната стапка на намалување, тој ќе биде затворен дури во 2186 година. Тоа значи дека стапката на намалување на јазот меѓу платите мора значително да се зголеми ако воопшто сакаме да постигнеме паритет меѓу платите во текот на нашите животи.
Ана Цветковска MIA