Бурекот бил јадење на султаните

Бурекот е султанско јадење, според историските податоци, најпрвин султанот се гоштавал со овој специјалитет на својата трпеза. Така како што му прилега на еден султан. Тоа се случило во 15 век, а оттогаш наваму бурекот доживеал најразлични модификации, за да се појави во формата каква што ја познаваме денес. Истражувачите на оваа проблематика велат дека во почетокот на 16 век, во 1502 год. постоел и законски пропис за тоа како тој требало да се приготвува, според кој рецепт. Во тој период, за приготвување на бурекот не смеело да се користи друго месо освен овчото. Подоцна прописите „омекнале“, и бурекот можел да се приготвува и со пилешко или со други додатоци. Потоа, бурекот започнал да се продава и низ бурекчилниците во Истанбул. Но она што е битно за овој ран период од историјата на бурекот, е податокот дека под тоа име Турците подразбирале различни нешта, сметајќи го тука и бурекот со сладок вкус, потоа оној со спанаќ, со сирење, со тиквички. Буреците имале форма на квадрат, и не биле тркалезни како денес.

Постепено, бурекот ги менувал обликот и состојките, за да се приближи до денешниот современ изглед и вкус. Тој се спомнува во речиси сите балкански земји уште од 15 век, под исто или слично име, но во различни форми и со различни содржини. И Евреите, кога по 1492 год. се населиле на Балканот, го консумирале ова јадење, нарекувајќи го бурекас или буреки ди карни.

Пред повеќе векови бурекот бил султанско јадење

Во Скопје, правењето бурек има голема традиција. Иако треба да се има предвид дека изгледот и состојките на бурекот, онака како што ги знаеме денес, се од релативно понов период. Најпрвин, фурнаџиите и симитчиите го продавале бурекот, за потоа да се отвораат посебни бурекчилници. Бурекот е сега со тенки кори полнети со месо, спанаќ, сирење, пица-бурек, подготвени во помали тепсии. Отсекогаш постоело мислењето дека бурекот е јадење за богатите, и дека специјалитетот не може да си го дозволи секој. Некогаш, „тепсија бурек“ значеше вистинско богатство, а во предземјотресното Скопје посебно доживување беа трошките од бурек завиткани во фишек. Кој ќе изгубеше на коцка, честеше тепсија бурек. Каква гозба, какво насладување! Чаршијата е татковина на бурекот, но го имаше и во маалата. Денес на посебен глас се бурекчилниците и квалитетниот бурек во Чаир, кај Чешма во Кисела Вода, потоа околу пазарите, но и во центарот на градот каде последниве две години се истакнува Пекарата Бакал. Главна шема на младите скопјани некогаш беше во утринските часови да се оди на бурек.

А ако сакате вистински да уживате, бурекот е најдобро да се консумира десет минути откако ќе биде изваден од печката“.

И еден куриозитет за крај. Во некои земји на факултетите бурекот научно се истражува. Така, можете да добиете и научна, докторска титула. Затоа, следниот пат кога ноншалантно ќе порачате „четврт, со јогурт“, имајте го и ова предвид. Можете да влезете во некоја научна студија.

Данило Коцевски

Translate »