Пилешко во сос

Експериментирањето во кујната носи посебни доживувања и многу забава. Одвреме-навреме заборавете на традиционалните јадења и испробајте нов микс на вкусови.

Ви недостига идеја? Еве како да направите пилешко во слатко-кисел сос:

 

СОСТОЈКИ ЗА МЕСОТО

400 грама пилешко бело месо (филе)
4 големи лажици брашно
4 големи лажици пченкарно нишесте
½ мала лажица пециво
100 милилитри вода
масло

ПОДГОТОВКА НА МЕСОТО

  1. Во длабок сад се мешаат брашното, нишестето, пецивото и водата – до изедначување на смесата. Добиената смеса треба да биде за нијанса погуста од смеса за палачинки.
  2. Пилешкото месо се сецка на коцки и се додава во смесата од брашно.
  3. Месото се пржи во загреано масло на висока температура. Испржените коцки месо се ставаат во чинија обложена со кујнска хартија.

Пилешко месо

СОСТОЈКИ ЗА СОСОТ

2 големи лажици пченкарно нишесте
½ шолја вода
1 шолја шеќер
½ шолја кечап
1 конзерва ананас (227 гр. со течност, т.е. 136 гр. нето)
1 главица кромид
200 грама пиперки (по можност во различни бои)

ПОДГОТОВКА НА СОСОТ

 

  1. Во тавче налејте го сокот од конзервата со ананас и додајте ги шеќерот и кечапот. Ставете го тавчето на средна температура и оставете ги состојките да се соединат (2-3 минути).
  2. Во мал сад измешајте ги водата и нишестето. Откако ќе се раствори нишестето, додајте го во тавчето со сокот од ананас. Измешајте и откако ќе се згусни, тргнете го слатко-киселиот сос настрана.
  3. Се сецкаат кромидот, пиперките и ананасот. Се запржува кромидот, па се додаваат сецканите пиперка, а по 5 минути и ананасот. Се пржи сè заедно уште 5-6 минути.
  4. Се додава слатко-киселиот сос, а по 5 минути и пилешкото месо. Се остава да прокрчка.

Пилешкото во слатко-кисел сос можете да го послужите врз басмати ориз (300 грама). При подготовката на оризот, соодносот вода-ориз треба да биде 2:1. Оризот е готов кога водата целосно ќе испари.@Do-re-mi

Translate »