Брзата реакција на докторите го спасила Села од смрт
Покрај нагмечување на мозокот, пратеникот Зијадин Села на крвавиот четврток добил уште неколку потешки повреди во пределот на главата, како крвен подлив на очите, скршеница на носот и повреди на левата страна на главата. Ова денеска во Кривичниот суд го истакнаа вештаците од Судска медицина кои го изготвиле вештачењето на Села, пренесува Фокус.
Докторката Верица Поповска појасни дека најтешката повреда, подлив на мозокот, Села ја добил од десната страна на главата и тоа додека лежел или неговата глава била прицврстена за подлога.
-Повредата е настаната со директно делување на тврдо тело додека главата била фиксирана, односно додека оштетениот лежел на подот или пак можеби стоел, но со главата потпрена на ѕид, појасни докторката Поповска.
Од повредите на Села во мозокот влегол воздух поради што како што рече докторката ова можело да предизвика инфекција, односно воспаление на мозокот.
Додека вештаците го изработувале вештачењето на увид имале и снимка од која се гледало како Села со нога е удрен во главата. На прашање на обвинителот, дали од овој удар настанала повредата од левата страна на главата, докторката рече дека би можело да дојде во обзир дека повредата е од овој удар, но истакна дека Села и пред тоа добивал удари, а тие немале можност на снимка да го видат целиот напад.
На прашањето на обвинителот, дали повредите можат да предизвикуваат трајни последици, вештакот рече дека и по неколку години од нападот може да се појави неврлошки испади.
– Затоа оштетениот и денеска прима терапија која го штити мозокот од епилептични напади, рече докторката.
Претходно, докторот Здравко Чакар истакна дека навремената медицинска помош го спасила Села од смрт, бидејки како што рече, ако немал кој да му помогне, да му пружи помош, ќе починел.