Сцени од рајот: Ова се шесте најубави ботанички градини во светот
Без разлика дали сакате зеленило во строг центар или оаза на мирот надвор од градскиот метеж, вреди да ги посетите овие шест ботанички градини само за да ги доживеете рајските сцени кои тие ги нудат.
Сингапурска ботаничка градина, Сингапур Оваа градина, под заштита на УНЕСКО, е вистинска тропска оаза сред центарот на градот, но не само тоа – таа претставува значајна туристичка атракција и е важна за ботаничарите и експертите од областа на хортикултурата бидејќи служи како образовен центар. Само нејзината колекција на орхидеи содржи 60 илјади билки, па затоа важи за вистинска “мирисна оаза”. Сингапурската ботаничка градина е идеална за романтичните парови – влезот е бесплатен од полноќ до 5 часот наутро.
Национална ботаничка градина “Кирстенбош”, Кејптаун, Јужна Африка
Сместена под моќниот планински ланец, содржи дури 7 илјади автохтони билни видови. Се простира на 528 хектари и е позната по својот мост од дрво и челик. Од него можете да ја гледате целата колекција на билки од птичја перспектива.
Ботаничка градина Рио де Жанеиро, Бразил
Се простира на 345 хектари и е дом на илјада растенија, меѓу кои дури 600 видови на ретки орхидеи. Како што велат водичите, посетителите би требало да внимаваат на туканите и другите видови на птици кои тука се чувствуваат како во своето природно живеалиште.
Бруклинска ботаничка градина, Њујорк
Градината ги отворила своите врати за јавноста во дамнешната 1911 година, а денес е оаза насред градската врева. Сместена е на 52 хектари и е сочинета од градини и конзерваториуми. Најчести се колекциите од лилјани, магнолии, рози, орхидеи и божури, а влезот изнесува 15 долари за возрасни лица, 8 за студенти и пензионери, а е бесплатен за деца помлади од 12 години.
Тропска градина Нонг Нуч, Тајланд
На еден час возење од летувалиштето Патаја, ова “светилиште на билки” е правено во европски стил, а украсено со тајландски архитектонски елементи. Она што е карактеристично за оваа градина се огромните диносауруси во природна големина, секако направени од жива ограда. Влезот за посетителите изнесува 15 долари.
Ботаничка градина Монтреал, Канада
Оваа градина има 22 илјади билни видови, сместени во десет пластеници, 30 бавчи и 185 хектари отворена површина. Градината е отворена во 1931 година и денес се смета за објект од национално и историско значење на Канада. Картата за посетителите изнесува 20,5 долари.