Групата „Фолтин“ со нов албум насловен „Момома“.
Шест нови песни се дел од новиот албум на групата „Фолтин“ со наслов „Момома“. Од првото преслушување на албумот, критиката го оцемнува како зрел и поинаков од претходните седум музичики објави на „Фолтин“ . На денешната промоција во кафе-барот „Цреша“ зборуваше Бранислав Николов, вокал и фронтмен на групата, и рече дека станува збор за постандардни песни што за нив претставува иновација наспроти досегашните музички и автентични импровизации во нивната музика. Песните од „Момома“ концертно ќе бидат промовирани во Скопје кон средината на мај.
„Момома“ е како Шпато да седнал со „Бич бојс“ па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама посериозно. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез-фаза, па пее пригушено низ мегафонот на „Chocolate Jesus“. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка“, пишува Дејан Трајовски за „Момома“.
Потписници на албумот се Бранислав Николов, глас, Пеце Трајковски-Брада, гитара и сајзер, Гоце Јовановски, бас Славчо Јовев, тапани и Пеце Николовски, кларинет и усна хармоника.