Анкета покажа кои тројца министри треба да добијат „метла“ од Владата

Во онлајн-анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“ на прашањето кои тројца министри треба да добијат „метла“ од Владата, на прво место се најде министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, на второ е министерот за здравство Венко Филипче, а на трето место е заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Анкетата беше објавена вчера, на 14 веб страници и траеше 24 часа. Во овој период на анкетата гласале 5.750 лица.

На анкетата беше понудена листа од 11 министри во Владата, а најмал дел од нив, односно 3,2 проценти се изјасниле дека министерката за труд и социјална политика Мила Царовска треба да добие „метла“ од Владата на премиерот Зоран Заев. Меѓу последните се и министрите за надворешна политика и за транспорт и врски, Никола Димитров и Горан Сугарески. Високо на листата, освен Дураки, Филипче и Османи, се најдоа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Од анкетираните 5.750 испитаници, според податоците на истражувачкиот центар на „Макфакс“, над 70 отсто биле мажи на возраст од 35-44 години. Речиси 86 проценти гласале од Македонија, а останатите од Германија, Швајцарија, САД и други држави.

Translate »