Шокантни податоци, термоелектраните ќе не убијат: На Западен Балкан 16 термоелектрани трујат повеќе отколку 250 во ЕУ
На Западен Балкан 16 термоелектрани произведуваат повеќе честички на сулфур диоксид и азотни оскиди отколку 250 термоелектрани во ЕУ, изјавил денес во Шибеник директорот на Енергетската заедница, Јанез Копач, на отворањето на Европскиот куп и конгресот за енергија и животна средина 2019-та.
“Западен Балкан има голем проблем кој ја надминува енергетската политика, премногу зависи од производството на струја од јаглен, пред се во БиХ, Србија, Македонија, Црна Гора и на Косово”, рекол Копач.
Тој додал дека Албанија има среќа што нема термоелектрани на јаглен.

“Тие 16 термоелектрани годишно предизвикуваат околу 4.000 прерани смртни случаи, околу 2.000 на територијата на Западен Балкан и 2.000 во земјите на ЕУ и земјите во окружувањето, а тоа се Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција”, рекол Копач.
Тој оценил дека голем проблем е тоа што за тоа на Западен Балкан воопшто не се зборува.

“Ако земјите од Западен Балкан во моментов влезат во ЕУ, сите произведувачи на струја од јаглен веднаш би банкротирале. Тоа не би било само политички проблем, туку и проблем со снабдување со струја”, нагласил Копач.
Конгресот го организираат BSEA – Business Sailing Experience Agency, со поддршка на FEDARENE, European Federation of Agencies and Regions for Energy and the Environment и Енергетската заедница.
Станува збор за единствен конгрес кој се одржува во Шибеник за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Учесниците на конгресот ќе дискутираат за најновите европски и светски трендови во таа област.

Една од главните теми ќе биде енергетската транзиција на земјите во регионот.
Ќе се расправа и за мегатрендовите на глобално ниво, а ќе бидат претставени и конкретни проекти, на пример, проектот на Европската комисија кој предвидува дека до 2020-та година 26 европски острови ќе станат целосно енергетски самостојни, односно ќе се снабдуваат од обновливи извори на енергија.

