Во полициска акција против скопските дилери уапсени и менаџери, директори и банкари, кои купувале кокаин
Полициски специјалци, во соработка со Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во вечерните часови на 9 мај, на подрачјето на Скопје спроведоа акција во која е сузбиена организирана група која продавала кокаин на повеќе локации во главниот град и други градови во државата.
Како што информираат од МВР, криминалистичка истрага во врска со овој случај се спроведувала изминативе три месеци, а нејзина цел била четиричлена организирана криминална група од Скопје со дефинирана строга хиерархиска поставеност.
Четворицата уапсени дилери се И. Ј. (41), Б. Ј. (31), двајцата од населбата Ченто, Н. М. (37) од населбата Чаир и Д. Р. (19) од село Арачиново, на кои ќе им бидат поднесени кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во полициската истрага утврдено е дека преку продажбата на кокаин овие лица стекнале големи износи парични средства, кои ги инвестирале во купување луксузни автомобили, станови и изградба на куќи. Исто така, за групата било утврдено дека по пат на корупција добивала податоци за мерките што ги презема МВР кон нејзините членови, а добивала и корисни информации за конкретни судски постапки што се водат против нив.
Документирано е и дека четиричлената група во текот на своето дејствување користела насилство и закани кон лица корисници на кокаин, кои навреме не плаќале за набавениот кокаин.
Во рамките на истрагата полицијата дошла до сознанија дека дрога од овие дилери купувале менаџери на кафе-барови, ноќни клубови и ресторани, потоа адвокати, директори, банкари и вработени во јавната администрација поради што од слобода биле лишени 12 лица.
„Во контекст на ова, а во рамките на истрагата, претходно поднесени се две кривични пријави до ОЈО Скопје и ОЈО Куманово против две лица, од кои едно вработено на висока позиција во Царинската управа за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и овозможување употреба на наркотични дроги“, информираат од МВР.
Вчерашната операција почнала во момент кога лидерот на криминалната група се обидел да ја напушти државата, а бил уапсен на скопскиот аеродром со поголема количина парични средства. Исто така, од слобода биле лишени уште две лица членови на групата, а по едно се трага. Еден од членовите на групата бил уапсен во текот на ноќта при обид за бегство.
Во извршените претреси пронајдени и привремено одземени се одредена количина кокаин, парични средства (6.300 швајцарски франци, 150 американски долари, 150 евра и 28.500 денари), пет луксузни патнички возила („јагуар“, „бмв“, „ауди А8,“ „шевролет калос“ и „сеат алтеа“), еден пиштол „карл валтер“, две пушки и 52 куршума во различен калибар, два панцира, две мали дигитални ваги, повеќе мобилни телефони, држачи за СИМ-картички, две УСБ и документација за возило. Количината и квалитетот на пронајдениот и одземен кокаин дополнитело ќе биде утврден со крим-техничко вештачење.
Дополнително, за пронајденото огненено оружје ќе бидат поднесени кривични пријави и за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, а МВР ќе ја прошири истрагата кон полициски службеници за кои во текот на истрагата се обезбедени информации и основи на сомневање за поврзаност со припадниците на оваа организирана криминална група.