Пендаровски го испрати Иванов од претседателската вила на Водно
По официјалната церемонија на примопредавање на претседателската функција, Стево Пендаровски го испрати неговиот претходник Ѓорге Иванов од претседателската вила на Водно.
Двајцата претседатели се ракуваа и имаа средба на која Пендаровски се запозна со членовите на новиот кабинет, каде ќе ја извршува функцијата во наредните пет години.
Во меѓувреме во Вилата на Водно на средба ќе пристигне и бугарскиот претседател Румен Радев, а планирана е и средба со претседателот на Република Албанија, Илир Мета. Претходно Пендаровски имаше средба и со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, додека со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи не успеал да се сретне поради набиената агенда.
Иванов заминува од вилата на Водно по двата претседателски мандати. Тој претходно на Фејсбук објави фамилијарна фотографија со која се збогува со граѓаните и порача : ,,Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија.Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува”.
Иванов ја искористи законската можност на претседателска пензија и доживотно ќе има на располагање кабинет, обезбедување и службено возило.