Избран новиот состав на ДИК

Пратениците во Собранието избраа членови раководство на Државната изборна комисија(ДИК), а ги донесоа и измените на Изборниот законик,и на законите за Влада и за финансирање политички партии.

Фотографија од стариот состав на ДИК

За изборот на членови и на претседател и потпретседател на ДИК, гласаа 100 пратеници и сите гласаа „за“, немаше воздржан и против. Во продолжението на седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Изборниот законик (99 гласа „за“) и на законите за Влада и за финансирање на политичките партии (со по 101 глас „за“), по скратена постапка.

За претседател на ДИК е избран Оливер Дерковски од ВМРО, а Дитмире Шеху од ДУИ за потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса ќе бидат членови на ДИК.

Привремениот состав на ДИК е избран со двотретинско мнозинство, и за него, како и за измените на трите закони, гласаа и пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса, како што претходно беа договорени.

Со изборот на ДИК се создаваат услови за организирање и реализација на претстојниот есенски референдум за името, кој се очекува да биде распишан во сабота, а да се одржи на 30 септември.

И за составот на ДИК и за измените на трите закони воопшто немаше дебата ниту на пленарната седница, ниту на седниците на матичните комисии, кои експресно гласаа за нив за да може тие веднаш да бидат проследени на пленарна седница.

Translate »