Чолиќ-Ќе приредиме ретко музичко шоу!

Со тегет мантил, со фармерки во слична нијанса, карирано палто и маица (стил по кој е препознатлив), музичката легенда пристигна на средбата со новинарите на Градскиот стадион (односно арена Филип Втори, односно Тоше Проески) каде и ќе се одржи концертот закажан за 15 јуни.

Каде и да се појави, 67-годишниот шармер предизвикува возбуда кај спротивниот пол, па редицата за фотографирање е неизбежен момент.

После двата успешни концерти во Скопје одржани кон крајот на минатата година, Македонците ќе имаат можност да уживаат и во трет, овој пат на „отворено“.

„ Добар ден на сите. Се враќам во некои времиња кога настапував на „стариот“ стадион. Но, познат ми е изгледот и на новиов, тука се играше финалето на Лигата на шампиони во фудбал, така што посебна чест и задоволство е да се настапи на овој стадион. Ова не беше моја идеја, туку на организаторите. После кратко размислување, и настапите во „Борис Трајковски“ во рамки на мојата концертна турнеја, која сè уште трае и предлогот да се направи и летен концерт овде, ја прифатив поканата и навистина е убаво што сум повторно тука. Се надевам дека и времето ќе нè послужи и ќе имаме вечер за паметење“, изјави Чолиќ на почетокот од средбата.

Организаторите, „Прагма продукција“ најавуваат дека ова ќе биде досега невиден концерт за нашите простори.

Сцената ќе биде висока околу 20 метри, долга околу 50 метри, а на неа освен Здравко, ќе има и многу гости, гудачки оркестар… Пиротехниката и специјалните ефекти ќе бидат исто така дел од доживувањето.

Чолиќ откри дека пред концертот ќе биде објавен и нов спот.

„ Се подготвува спотот за насловната нумера од овој албум „Оно мало среќе“, ќе излезе наскоро, пред скопскиот концерт. Пред неколку години го снимавме спотот за „Ватра и барут“ со Влатко Стерфановски токму во Скопје, што претставуваше убава разгледница на градот, а дали ќе има уште еден овде, не знам, не е исклучено“ вели пејачот.

Со оглед на тоа дека од утре започнува и „Евровизија“, Чолиќ се потсети и на неговиот голем евровизиски хит „Гори ватра“.

Translate »