Најчести причини за развод во Македонија!
Во секој брак се појавуваат проблеми, меѓутоа некои сопружници ги надминуваат, додека други за жал бараат развод. Модерното општество е тука, динамичниот живот е секојдневие и за млади и за возрасни, различниот начин на сфаќање на нештата го покажуваат карактерот на сопружниците, кариерата пред семејството се наметнува секогаш од едниот брачен партнер, нетрпеливоста, мешањето на родителите во бракот помеѓу сопружниците се само дел од причините кои доведуваат до оддалечување на брачните партнери, причини кои доведуваат и до раскинување на бракот помеѓу сопружниците. Наместо сите овие причини да се надминат со разговор и соочување со секојдневието. Секојдневие кое со исто темпо ќе продолжи даа биде присутно во живото кај секој од нас и без брак и по склучување на брак. Сепак младите брачни парови во земјаваизбираат прекинување на бракот наместо прифаќање на посложните обврски и грижата и мислењето и за друг освен за самите себе.
„Во последните пет години најчеста причина за развод во земјава е оддалеченоста на брачните другари еден од друг. Односите помеѓу сопружниците заладуваат поради динамичниот и различниот начин на живот. Занемарувањето и на дел од традиционалните навики во македонското семејство, но и со поедини индивидуални фактори кои ја зголемуваат нетрпеливоста помеѓу брачните партнери , вели за Фактор адвокат Маргарета Крстеска.
Финасиите се втори на листата како причина за развод. И тоа финансии кои ги има на располагање семејството. Но кој колку заработил, кој колку троши, или познато помеѓу некои сопружници како „Мои пари-твои пари“. Во контексот финансиите како причина за развод се мисли и на брак склучен од интерес.
„Едниот брачен другар доколку има за цел да се обезбеди со добрата состојба на другиот брачен другар, па побуден од таквите чувства не ги преиспитува другите свои емоции. По некое време, се случува, сето ова да исплива на површина. Исто така, и фактичката оддалеченост на брачните другари кои најчесто се случува од професионални причини, односно кога партнерите имаат различни места на живеење или престојување поради професионални ангажмани“, истакнува адвокат Крстеска.
Неверството според адвокатите не е повеќе главна причина за разводи помеѓу сопружниците, како категорија постои, но како сегмент многу ретко се наведува во бракоразводната постапка. Исто така и мешањето на родителите на сопружиците во нивната брачната заедница не се наведува често во бракоразводните приказни.
Според неколкугодишното искуство на правниците, првите 5 години од заедничкиот живот на младите брачни парови најчесто е период во кој сопружниците поднесуваат документи за развод.
„После само 36 месеци заеднички живот или после 5 години брак, младите веќе имаат поднесено документи за раскинување на бракот.Има и чести примери на поведување на постапка за развод на брак кој траел само неколку месеци. Исто така, и сопружници кои останале над 20 години во брачна заедница, најчесто заради децата, денес собрале храброст или ги извадиле на прав пат децата и одлучуваат да покренат постапка за раскинување на бракот“, споделува адвокатката за Фактор.
Иако се ретки има и такви случаи во кои по консултација со социјален работник семејството си дава втора шанса и ги повлекува документите за развод.