ФФМ и УЕФА со поддршка за СОС Детско село
Фудбалската федерација на Македонија и Фондацијата за деца на УЕФА во СОС Детско село официјално пуштија во употреба фудбалско игралиште.
На отворањето на теренот со вештачка трева во рамки на СОС Детско село присуствуваа и раководните луѓе на ФФМ, претседателот Муамед Сејдини и генералниот секретар, Филип Поповски.
– СОС Детското село повеќе од 15 години посветено работи и се бори за заштита на детските права во нашата земја, а овој придонес на ФФМ во реконструкцијата на фудбалското игралиште е наша поддршка, не само за вас, туку и за сите деца од заедницата кои ќе го користат овој терен. Од мое и од името на Фудбалската федерација на Македонија ви честитам за реализацијата на проектот, убеден сум дека ова ќе биде инспирација повеќе деца да играат и да уживаат во фудбалот, затоа што – Фудбалот е за сите, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Целта на проектот под слоганот „Обединети во радоста што ја носи фудбалот“ е да го подигне спортскиот дух на децата и младите без родителска грижа и да го зајакне нивниот ментален развој низ призмата на тимска работа, соработка и мотивација за постигнување на резултати.