Не сум јас одговорна: Се огласи и атрактивната Србинка од видеото кое ја сруши австриската влада
Тајана Гуденус, србинката од Бања Лука која се појавува на контроверзната видео снимка која ја сруши австриската влада, се огласи преку своите адвокати и порача дека не е одговорна и не влијаела на случувањата кои доведоа до оставка на австрискиот вицеканцелар Хајнц Кристијан Штрахе.
„Јас не сум одговорна за падот на австриската влада, ниту на било каков начин сум влијаела на случувањата кои доведоа до политичките последици и оставката на вицеканцеларот на Сојузна република Австрија“, порача Тајана Гуденус.
Со соопштение до јавноста се огласија и од адвокатското друштво „Стојковиќ“ кое ја застапува Тајана Гуденус, од каде што наведоа дека „означувањето на нивната клиентка како некој кој со својата „фатална привлечност“ влијае на политичките случувања, односно со означувањето како некој кој претставува така моќна фигура која може да доведе до пад на владата на една од водечките земји во ЕУ, ја претвораат Тајана во мета и ја загрозуваат нејзината безбедност“.
Тајана Гуденус инаку е сопруга на шефот на пратеничкиот клуб на ФПО, Јохан Гуденус, кој што е еден од актерите во контроверзното видео. Тајана потекнува од српското семејството Тајчиќ од Хрватска, која што заедно со семејството побегнала од Бања Лука после почетокот на војната во БиХ во 1992-ра година.
Да потсетиме, на снимките кои ги објавија „Дер Шпигл“ и „Зидојче Цајтунг“, Штрахе и неговиот соработник Јохан Гуденус, во јули 2017-та година, два месеци во пресрет на парламентарните избори во Австрија, во вила на Ибица разговарале со една жена која се претставила како внука на руски олигарх кој сакал да вложи 250 милиони евра во австриската економија. Со нив била и сопругата на Јохан, Тајана Гуденус.
Штрахе во разговорите со наводната внука на рускиот олигарх, за вложените пари нуди предности при доделувањата на јавните тендери во Австрија. Иако соговорничката во неколку наврати вели дека станува збор за илегални пари, Штрахе и Гуденус на наводната инвеститорка ѝ нудат купување на најтиражниот австриски дневник „Кронен Цајтунг“.
„Ако на три седмици пред изборите го превземете „Кронен Цајтунг“ и не поддржите да дојдеме до врвот, тогаш можеме да разговараме за се“, вели Штрахе во видеото.