Компанија за пакување смрзната риба е нов кластер на Ковид-19
Нов кластер на позитивни со корона висрусот е компанијата „Метро“ која препакува смрзната риба, потврди за Фактор директорот на Центарот за јавно здравје, д-р. Александар Стојанов. Тој појаснува дека во оваа компанија од вкупниот број вработени 22, позитивни на Ковид-19 се половина од нив, односно 11.
– Епидемиолозите направија увид и од тоа што констатираа на терен, оваа компанија ги почитува и ги спроведива здравствените протоколи. Сите вработени носат маски и ракавици, но само за време на работните обврски. Имено, за време на паузата ја ваделе заштитната опрема, заради што дошло до меѓусебно инфицирање со корона вирусот. И на останатите им се земени брисеви, тие се веќе во изолација и во наредните денови се очекуваат резултатите, вели д-р. Стојанов.
Директорот на Центарот за јавно здравје потенцира дека вакви кластери не претставуваат голем проблем, бидејќи се знаат сите контакти, и како што нагласува, лесно може да се изолираат и да се спречи понатамошното ширење на заразата.
-Она што загрижува е неконтролирано ширење на вирусот, а тоа лесно се случува кога на едно место се собираат огромен број луѓе, како што беше случајот со дискотеките и ноќноте клубови. Оттаму очекуваме да има зголемување на бројот на заразените, изјави д-р. Стојанов.
faktor.mk