МТСП ВОВЕДУВА ТРАЕН НАДОМЕСТОК ЗА НЕВРАБОТЕН РОДИТЕЛ КОЈ СЕ ГРИЖЕЛ ЗА ДЕТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Со социјалната реформа се унапредуваат правата на лицата со попречености, но и на семејствата кои се грижат за нив. За разлика од досегашната пракса, со која само се трансферираа финансиски средства до крајните корисници без притоа да добијат соодветна услуга, сега се става акцент на развојот на услугите кои ќе ја подобрат поддршката и негата, но и ќе ја зголемат независноста на лицата со попрченост и нивната вклученост во општеството, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Биолошките семејства кои имаат деца со попреченост како поддршка веќе имаат зголемен износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15 отсто, посочуваат од Министерството.

Воведуваме и траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26- годишна возраст без да го смести во институција. Право на овој надоместок ќе имаат родителите кои се невработени и не користат право на пензија. Надоместокот ќе може да го користат, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. Со новиот закон ја развиваме и услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, информираат од Министерството.

Користењето на правото за попреченост, со новиот закон, како што наведуваат, се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето плата. Се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – Лична асистенција и услугата Домашна нега.

Активно продолжува и процесот на деинституционализација. Владата лани ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10-годишна реформа на системот за социјална заштита. Ова е доказ дека оваа Влада работи на унапредување на правата на лицата со попреченост и во целост ги има предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги што во минатото не постоеле, стои во соопштението од Министерството.

Translate »