Криволак-војници од шест земји ќе учествуваат на најголемата и најсложената воена вежба досега во Македонија
Повеќе од еден месец, околу 2.700 војници од шест земји ќе учествуваат на најголемата и најсложената воена вежба досега одржана во Македонија. На вежбата „Одлучен удар“, од 5 јуни до 9 јули на полигонот Криволак ќе учествуваат по околу 1.300 македонски и американски војници и трупи од Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.
Ова е досега и најголема и најсложена воена вежба, чиј домаќин е земјава. На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен.
На „Одлучен удар“ ќе учествува компонента од конвенционални сили со два баталјонa механизирана пешадија на АРМ, два баталјони од 56. Страјкер-бригада на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериски баталјон со сили од Литванија и Црна Гора и македонски и американски хеликоптери.
Во борбената група за специјални операции, пак, ќе бидат вклучени тимови од специјалните сили на АРМ, „зелени беретки“ од 19. Група на специјални сили од Националната гарда на САД и тимови од специјалните сили на Албанија и Бугарија.
На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.
На гаѓањата ќе се користи „обична“, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум.
На денот за високи гости, на 17 јуни, над Криволак ќе прелетаат и два американски ловци Ф-16, но и стратегиски бомбардер Б-52, најавија од Министерството за одбрана на денешниот брифинг за вежбата.
– Фактот дека во наша национална вежба, која самите ќе ја водиме и организираме, во која ќе учествуваат шест земји, од кои сите други се веќе членки на Алијансата и над 2.700 припадници на овие армии, покажува дека можеме, дека знаеме и дека сме создале доверба за ова да биде овозможено – изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Одлучен удар“ е организирана во партнерство со Армијата на САД и е дел од комплексот вежби на Европската команда на САД (EUCOM) “Saber Guardian 19” во Црноморскиот и Балканскиот регион.
– Ова е четврта вежба од регионална важност која ја организираме со Северна Македонија во последните две години. Минатата есен и годинава имавме две вежби на американските сили од КФОР, а минатата година ја изведовме вежбата “Dragoon Guardian”, на која учествуваат околу 300 американски војници – рече полковник Тимоти Бјукен, одбранбено аташе на САД.