Гест за почит: Вработени во маркет направија одалка за 2-годишно момче со мускулни проблеми
Насмевката на лицето на малиот Логан Мур е бесценета, а за неа се „виновни“ љубезни лица кои му направија одалка за да може полесно да се движи.
Постапката на вработените во „Home Depot“ стана вирален хит и освои многу срца.
2-годишниот Логан има хипотонија (намален мускулен тонус) и не може да оди, па неговите родители биле решени да му го олеснат движењето со одалка. За жал, осигурителната компанија не им давала дефинитивен одговор дали ќе ги покрие трошоците.
Барајќи алтернатива, тие наишле на планови како сами да направат одалка за малото детенце. Кога отишле во маркет и побарале помош при изборот на материјали, тие наишле на поголема поддршка одошто очекувале. Вработените се обединиле да им ја остварат зацртаната цел, а фотографиите гласно говорат зошто нивниот гест е достоен за почит.
Еден од вработените раскажа како течело изненадувањето за Логан:
„Денес, една дама со мајка си и сопругот дојдоа во Home Depot и ни кажаа дека е неизвесно дали осигурителната компанија ќе им плати за одалка за нивното мало момче, па дека тие пронашле на интернет планови за да направат одалка од PVC цевка.“
„Менаџерот слушна за ова, отидовме да ги разгледаме нивните планови и им рековме: ‘Оставете на нас’. Започнавме да ја склопуваме, а му рековме на семејството да оди да ужива на сладолед и да се врати за еден час.“
„Други наши колеги ни се приклучија и кога семејството се врати, сè беше готово. Сите плачеа додека го гледаа Логан како оди наоколу со најголемата насмевка на лицето.“
„Кога семејството се обиде да ни плати, им рековме: ‘Нема шанси, ова е од нас’“.
Исполнета со емоции, мајката на Логан изјавила: „Не можев да поверувам дека го направија тоа. Со сета сила се трудев да не заплачам, затоа што не му е лесно на син ми. Нему му е тешко да ги прави сите работи кои им се лесни на повеќето деца на негова возраст.“