ЧУДО ВО КЕЛН: Вардар се врати од „мртвите“ и ја сруши големата Барса
Во големата драма во „Ланксес Арена“ во Келн, македонскиот шампион Вардар се врати од -7 против навидум несовладливата Барса и ја совлада со 29-27 за второ финале на Лигата на шампионите во својата историја. Противник на „црвено-црните“ во натпреварот за титулата е Веспрем на Дејвис и Манасков.
Пасквал му ја довери организацијата на играта на Палмарсон, а почна со Мем и Дуарте на бековските позиции. Дуелот започна израмнето, но Каталонците наметнаа силни темпо, акциите ги завршуваа експресно и делуваа одлучно и моќно. Сепак, Милосављев брзо влезе во ритам и одбрани три зицери.
По десет израмнети минути, се разбрани и Гонзало, Скубе заработи исклучување, а Гомез со серија од голови (од контра, на празен гол и од седмерец) ја одлепи својата екипа на +3. Вардар одговори со два гола и четири минути без примен погодок за 7-6 на половина од првиот дел. Пасквал го внесе Раул Ентрериос и на крилата на капитенот Барса брзо дојде до +3.
Вардарци не го искористија првото каталонско исклучување и Томас во 22. минута првпат донесе четири разлика за првакот на Шпанија. Вардарци промашија зицер преку Карачиќ, па лесно продадоа топка и со голови на крилата Томас и Илиќ, Барса го принуди Парондо на тајм-аут при 14-8. Играта на „црвено-црните“ не се подобри и првиот дел заврши со 16-9 за деветкратниот европски првак.
Вториот дел почна со голови на Дисингер и Кристопанс, но несфатливи беа техничките грешки и промашените зицери. Така, моќен состав како Барса преку Дуарте и Мем ја одржуваше предноста од првиот дел. Следеше серија на Кристопанс за 22-17 во 43. минута.
Неколку нелогични судиски одлуки на делителите на правдата од Летонија го пресекоа вардаровиот ритам и предноста од 5-6 гола постојано царуваше во финалето. Дибиров и Дисингер врзаа два гола во мрежата на Гонзало за 25-21 во 48. минута и минута одмор за Пасквал.
Милосављев го одржуваше Вардар во игра, а Кристопнас со седмиот гол спушти на -3, а Алеиш Гомез не реализира седмерец. Вардар во налет преку Чупиќ намали на 26-24, а Дика Мем доби двеминутно исклучување. „Бомбата“ на Кристопнас целосно ја врати неизвесноста и Вардар намали на 26-25 на пет минути до крајот. Големата Барса се загуби, Мораеш израмни на 26-26, а Тиагуш Петруш заработи директен црвен картон во 58. минута. Игор Карачиќ од чекор донес лрво водство за вардарци, а Кристопанс освои топка и Вардар дојде до меч-топка за пресврт. Сепак, Игор Карачиќ се повреди и кривејќи беше изнесен од теренот. „Џинот“ Кристопанс сам ја презеде одговорноста и со нов десетти гол ја урна Барса. Вардар на крајот извојува победа од 29-27.
Најефикасeн поединци кај македонскиот шампион беше Кристипанс со девет голови, но блескаше и Милосављев на голот, додека во таборот на Барселона одличен натпревар одигра Гомес со девет погодоци. Големото финале се игра утре попладне од 18:00 часот.