Има ли писменост на фејсбук- разговор со Татјана Александровна (Лунарна)

Ако сте фејсбук зависник (како јас), мора да сте налетале на  постовите на  Татјана Александровна (Лунарна) .  Во нив има многу вистина и емоција, а некои се вистински  бисери. Скопјанка , жесток поборник за јазична писменост, запишувач на сопствените размислувања, вљубеничка во книги и секаква уметност, борец за човечки и животински правдини и  вегетаријанка, така себеси  се опишува Татјана, инаку дипломирана професорка  по македонски јазик и литература.
За radar.mk  ни објасни што значи нејзиниот фб прекар , Александровна затоа што татко ѝ се викаше Александар, а Лунарна затоа што Месечината и е бескрајно инспиративна.
  За почеток,  едно тешко прашање Толстој или Достоевски?
 
 -И да знаеш дека прашањево е тешко особено затоа што и двајцата автори ги сакам и од човечки, не само пишувачки аспект и откако зимава, со овој ум и созреаност повторно ја исчитав Ана Карењина, ја доживеав многу подлабоко отколку претходно . Но, сепак… ако ставам на вага се, победник ќе биде Достоевски. Темите кои ги обработува ми се поблиски и стилот на пишување му е потопол, поблизок до мојот сензибилитет.
 
Во овој модерен-интернет свет,  има ли место за книжевност?   Изумира ли таа како израз?
 
-Не, книжевноста е бесмртна, поривот за пишување кај оние кои се родени за тоа ниедна технологија не може да го убие, ниту пак да го потисне. Може евентуално да се појават нови изразни форми, да се популаризираат пократки или поинакви текстови, поотворено изразување зашто социјалните мрежи даваат пишувачка слобода која класичната литература не ја дозволува. 
 
Твоите постови на фб со уживање ги читаме, од каде инспирација?
 
– Инспирацијата доаѓа од мојата глава која е преполна мисли и чувства кои имам потреба да ги запишам :). Тоа се мои лични доживувања, лични ставови за општествени прашања, прикаски кои сум ги чула, па ги пренесувам, поезија што ми се допаѓа… сЕ и сешто може да ме инспирира, дури и кога бесцелно зјаам во хоризонтот :).
 Македонист на фејсбук, како изгледа тоа?  Се нервираш ли кога ги читаш постовите и тектсовите на социјалните мрежи , или си викаш – еј, па  ова е само фб! Има ли писменост на интернет ?
 
 -Леле, ова ми е болната точка. Многу се нервирам кога гледам неписменост, често си дозволувам да критикувам, ама најчесто се учам да бројам до 100 и се сопирам за да не ги напнувам луѓето со моите маки што ги доживувам додека читам. Голтам и ќутам :). ОК, сфаќам дека ова е само фб, незадолжителна зафрканција, дури ни јас не се изразувам со книжевен речник, ама примарна писменост мора да постои особено кај оние кои претендираат да бидат интелектуалци. 
 
 Како гледаш на феноменот  фејсбук? Многу луѓе  буквално се зависници од фб, меѓу нив има и наивни консументи,  но и некои кои перфидно го користат како алатка за промоција на некоја своја или туѓа цел. Што мислиш ти за тоа, како  Македонците пливаат во тој фејсбук свет?
 
-Убедена сум дека ако се направи некаква светска статистика, Македонците ќе бидат први на листата активни корисници на фејсбук. Е, сега, алаткава колку што е корисна, толку е и незгодна оти не е за секој. Ако имаш акал, ќе ти биде згоден медиум за она за што сакаш да ти служи, ама ако немаш, може да ти направи и контрауслуга. Што се однесува до општествениот живот во Македонија, фб е исклучително потребен зашто други објективни медиуми нема. Нема необоени телевизии, весници нема воопшто, така што социјалниве мрежи се главниот извор за информации и исклучително моќни во креирањето на политиките и јавните мислења.  

 

 Препорачај им  пет книги на нашите читатели по твој избор 

– Не можам така, многу ми е тешко. Може петмина автори? Ме ставивте во тесно… ама еве: Петре М. Андреевски, Достоевски, Меша Селимовиќ, Анжеј Сташук (полски автор, кај нас недоволно познат), Коста Солев Рацин… 

Сакав да напишам статус за мачето со кое се гледаме во очи цело утро и си муабетиме, јас од балкон, тоа од двор, за тоа дека проја е светска работа, ем 3 минути работа, ем превкусно, за групите по фб за наставници и за иритантната, базична јазична неписменост што ја читам таму, за тоа што ме чуди како може да велат дека 11 години се незадоволни од платите на просветарите, па си викам, чек’, јас глупа сум или мислам дека понижувачки ниските плати се со децении наназад, а не аман заман, само овие 11 години, сакав да напишам за мојата згрозеност од Геро и оној другион новинар што закажале тепачка пред Манда, па ми текна дека и Борјан со таков простачки, балкански вокабулар и бандитско маалски закани се истакнуваше пред некое време, оти сите се Латасовци во душа и во суштина, за тоа дека народов пак ко слеп ќе гласа или за едната или за другата партија на избориве за градоначници и ич нема ни да помисли дека можеби има и некоја трета опција, бар да проба, да види, за тоа дека сакам да научам унгарски, и да, и сакав да напишам дека веќе подолго време чистам само со сода бикарбона и оцет.

Сакав, ама си реков, што ако напишам, ионака се’ е џабе.

Пост на Татјана Александровна (Лунарна)

  •  
Translate »