Животот лета, капетане: 26 години од смртта на „кошаркарскиот Моцарт“ Дражен Петровиќ

На денешен ден пред точно 26 години, во сообраќајна несреќа во германскиот град Инголштад почина еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, магионичарот со топката, Дражен Петровиќ.

Петровиќ се враќаше од квалификациониот турнир за настап на Евробаскет 1993 преку автопатот број 9 во Германија. Во автомобилот беше заедно со неговата девојка, која управуваше со возилото. Камион им го пресече патот и нивниот автомобил излета од автопатот, а Дражен почина на лице место. Неговото тело беше закопано на гробиштата Мирогој во Загреб.

Тоа лето се шпекулираше дека Петровиќ веќе не се чувствувал удобно во САД, дека бил многу незадоволен од НБА лигата и неговиот тим Њу Џерси Нетс, па размислувал да се врати во Европа и да потпише за грчкиот гигант Панатинаикос. И наеднаш, сѐ се сруши – неговиот сон, амбициите на хрватската репрезентација и плановите за сјајна кариера во НБА лигата.

Дражен Петровиќ ја започна кариерата во хрватскиот тим Шибеник, а потоа помина четири одлични години во Цибона, со која двапати беше шампион на Европа. Неговите таленти беа забележани од Реал Мадрид, тим кој му ги отвори вратите кон НБА лигата, во која настапуваше за тимовите на Портланд Трејл Блејзерс и Њу Џерси Нетс.

Со репрезентацијата на Југославија освои бронза на Олимписките игри во Лос Анџелес и сребро во Сеул, а во 1989 година го освои златото на Евробаскет во Загреб, за година дена подоцна да стане и светски првак на првенството одржано во Аргентина. Неговите репрезентативни успеси продолжија и по распадот на Југославија, кога со репрезентацијата на Хрватска во 1992 година на Олимпијадата во Барселона освои сребрен медал.

Дражен ќе остане вечно во меморијата на Њу Џерси Нетс и Цибона – двата клуба кои го пензионираа неговиот дрес и го закачија во домашните сали. Во Нетс никој повеќе нема да го носи бројот три, додека неговата десетка ќе остане закачена во салата на Цибона за да нѐ потсетува на еден вистински маестро на кошаркарската игра.

Животот лета, капетане!

Translate »