Македонскиот фудбал добива шанса за регионална промоција!
Натпреварите од 1 МФЛ прв пат во историјата на македонскиот фудбал ќе се емитуваат на регионалниот спортски канал Арена. Тоа значи дека гледачи од целиот адриатик регион, или потенцијална публика од над 10 милиони ќе имаат можност да гледаат натпревари од нашата лига.
Тоа македонските клубови ги прави многу поатрактивни за спонзорите, кои сега преку спонзорство на клуб од 1 МФЛ имаат можност и за регионална промоција.
“Овој договор кој го постигна Фудбалската федерација на Македонија заедно со претставниците на клубовите од нашата Прва лига, треба да биде силен стимуланс за развој на македонскиот фудбал. Клубовите полесно ќе можат да дојдат до спонзори, фудбалерите ќе бидат под будното око на останатите клубови или менаџери од регионот, судиите, делегатите сите на некој начин ќе имаат позитивен притисок или самоконтрола, знаејќи дека натпреварите регионално се следат. Со ова нашата 1 МФЛ се отвора за регионот, и добива шанса за развој каква што досега немало. Мораме да признаеме дека фудбалот без сериозна финансиска поддршка не може да се развива, ниту пак македонските клубови да бидат конкурентни на европско ниво”, смета Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини
Во проектот за телевизиските права од 1 МФЛ ќе биде вклучен и нашиот Национален сервис (МТВ). Двата натпревари од секое коло (сабота и недела) ќе се емитуваат и на МТВ која телевизиски ја покрива територијата на нашата држава со директни преноси и коментар на македонски јазик.
Овој договор е дел од развојната стратегија на Фудбалската федерација на Македонија, во која развојот на Македонската фудбалска лига, поттикнување развој на младите категории, и поголема транспарентност и создавање фер услови за натпреварување претставуваат носечките столбови.
Македонскиот фудбал се враќа на телевизија низ директни преноси, надевајќи се дека со ова овој наш најстар и најпопуларен спорт уште повеќе ќе се популаририза меѓу младите, и ќе го добие заслуженото внимание од целата јавност.