Дали капка човечка крв привлекува ајкули?

loading...

Поранешен инженер на НАСА, а денес јутјубер со 7,8 милиони следбеници, ја одбележа неделата на ајкулите тестирајќи дали тие можат да насетат капка крв во вода.

Неделата на ајкулите е годишен настан на „Дискавери Ченел“, кој започна во недела, а Марк Робер учествуваше со оригинална содржина. Снимката е објавена и на „Јутјуб“ и за 3 дена има речиси 25 милион прегледи.

Додека го извршувал тестирањето, Робер прво испуштал разни течности – рибино масло, урина и крв од крава – за да биде сигурен дека ајкулите преферираат мирис на крв. На почетокот ниедна течност не привлекла многу внимание, но отприлика 20 минути пред истекот на времето ајкулите почнале да ја забележуваат крвта.

Околу 45 минути по испуштањето на течностите ајкулите почнале да ја следат трагата од крв, но се свртеле штом сфатиле дека води до даска за сурфање. На крајот на тестот било утврдено дека 4 ајкули биле заинтересирани за рибиното масло, ниедна за урината, додека крвта привлекла 41 ајкула.


Робер и уште неколку луѓе на бродот отишле и чекор понатаму, па дале и нивна крв за да утврдат дали ајкулите сакаат човечка крв колку и кравја. За тој експеримент искористиле многу помалку крв и резултатот малку ги изненадил.

Имено, ниедна ајкула не била привлечена од мала количина на крв.

-Ова никако не е совршен експеримент, но мислам дека може да се каже дека ако ајкулите не дојдоа да проверат 15 капки човечка крв во минута среде вода, веројатно нема да бидете во опасност со мала гребаница – истакна Робер.

Сличен експеримент пред повеќе од десет години изведоа и МитБастерс кои прво испуштија рибја крв и открија дека таа ги привлекува ајкулите, но кога пуштија нивна крв во водата, открија дека ајкулите покажуваат помала заинтересираност.

Translate »