Рената Дескоска-амнестија за насилствата во Собранието на 27 април лани, не смее да има, бидејќи тоа остава колективна траума на општеството
Премиерот најави, а тоа е став што треба да се поддржува, дека амнестија за насилствата во Собранието на 27 април лани, не смее да има, рече министерката за правда Рената Дескоска на меѓународната конференција во Охрид на која се дојдени над 80 судии од Македонија.
„Тоа се акти на насилство во кои што многумина пролеаја крв. Акти кои оставија лична, но и колективна траума на општеството“, смета министерката, која на прашање дали за сите ќе нема барем ублажување на казните, одговори:
„Она што е акт на насилство, не смее да има амнестија. Ние мораме да покажеме капацитет како држава дека можеме да процесираме она што се води како случаи на СЈО и за насилствата при организираниот напад на Собранието на 27 април лани“, децидна е Дескоска.
За помирувањето како иницијатива на Заев, таа објасни еден од аспектите зошто е потребно.
„Тие индивидуалци што доаѓаа да лепат некролози по вратите на СДСМ, а сега се закануваат на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени, не се индивидуалци. Тоа покажа дека е акција што е организирана. Пред некој ден слушнавме за заканите кон потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се прашања што заслужуваат не само правна акција, туку и да се разговараат, бидејќи се пушта еден лош глас, лоша клима, зашто тие кои не ја запреа кога нам ни се случуваше, сега ја чувствуваат на своја глава“, рече Дескоска.