СЈО и судот, со одлука за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ кој изнесува над 10 милиони евра
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска на прес конференција изјави дека одлуката за замрзнување на 69 објекти во сопственост на партијата го опфаќа целиот имот со кој располага ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече тој вредноста на недвижнините кои се во сопственост на партијата изнесува околу 10 милиони евра, а нивното замрзнување, додаде, ќе предизвика сериозна штета во функционирањето на партијата.
Јанушев изнесе обвинувања дека СЈО и судот, кој го донел решението за замрзнување, се политички мотивирани за да се изврши политички прогон врз партиското делување на ВМРО-ДПМНЕ.
“Се повредува правото на слободно располагање со сопственост. Индикативно е тоа што по вакво барање Апелацискиот суд има одлучено и го има отфрлено ваквото барање. Одговорноста не ја презел еден судија туку е подолена на двајца спртивно на кривичната постапка. Бараме под итно да се укине решението за привремената мерка како неосновано и недозволено”, додаде Јанушев.
Тој и порача на власта дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара лична и политичка одговорност.
“Да, можете да ни се заканувате, уценувате, блокирате и заплашувате, но знајте дека не ви се плашиме, само дополнително не мотивирате. Нема да не скршите бидејќи нема да ја скршите одлучноста во нашата борба за Македонија”, рече тој.
Јанушев рече дека веќе е поднесена жалба за решението на судот. Изречената мерка за замрзнување појасни дека ги опфаќа сите штабови на ВМРО-ДПМНЕ во сите градови низ Македонија.
“Партијата како политички субјект, како правно лице не е осомничена и ова е надвор од владеење на правото”, подвлече тој.
t