Шабан Трстена побара поголема одговорност од блиските на малиот Марко
Поранешниот олимписки шампион Шабан Трстена во иднина побара поголема одговорност од блиските на малиот Марко Пејчиновски, кој синоќа поради болки во ногата не успеа во намерата да го преплива триаголникот Охрид – Струга – Свети Наум во должина од 62 километри. Марко престана со пливање по 12-иот километар, а со овој подвиг сакаше да ја зголеми свеста за ретките болести кај децата.
„Навистина мали, ти имаш големо срце на овие 13 години, што си размислил со твоја идеја и визија како да помогнеш луѓе кои се борат за нивното здравје. Затоа си шампион и охридски херој. Мали, јас сум оптимист дека ти во иднина ќе го реализираш овој твој сон. Браво за тебе, затоа што покажа голема храброст и со твојата хуманост си пример за многу богати луѓе. На крај, сакам да им порачам мојот совет на сите тие што работат со Марко, дека тој е сепак малолетно дете и грижата е голема и одговорноста припаѓа на вас. Затоа ве замолувам за сите подвизи на Марко, претходно да имате согласност од стручни лица во пливање, лекари и експерти кои ќе дадат позитивно мислење за вакви големи проекти. Да не заборавиме дека здравјето на Марко е најважно од сите негови подвизи“, вели Трстена.
Марко има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети. Тоа не го спречи минатата година да го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да направи таков подвиг.