Заев од Велес: Ќе одговараат сите што потпалуваат и горат човечки судбини

Ќе одговараат сите што потпалуваат и горат човечки судбини, а ние ќе го обновиме шумскиот појас околу езерото Младост и ќе развиеме проекти за развој на туризмот со сета неопходна инфраструктура. Ова го изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, кој денеска го посети опожареното место во Велес, придружуван од претставниците на сите засегнати институции кои беа вклучени во акцијата за гасење на опожарената локација околу езерото Младост и селото Отовица.

По обиколката и увидот, Заев рече дека се тажни сцените на теренот, и дека тој ја споделува тагата и загриженоста со граѓаните кои завчера за време огнената стихија беа соочени со опасноста да им бидат загрозени здравјето, животот, имотите, но и спомените.

„Сочувствувам со Велешани кои за неколку часа изгубија едно од нивните омилени излетнички и рекреативни места. Дотолку повеќе е поинтензивен и гневот што го чувствувам зашто во овој случај е сосема јасно дека ова се случи од човечка небрежност и неодговорност. Мојата порака кон сите кои имаат каква било идеја да потпалуваат и да горат човечки судбини, е дека ќе одговараат. Нема да има толеранција за оние кои уништиле нешто што природата и добронамерните луѓе го негувале со децении. Нула толеранција како лекција и како превенција за сите што си играат со огнот и со судбината на луѓето и на животната средина“, потенцираше премиерот Заев.

Тој упати посебна и голема благодарност до пожарникарите од Велес, како и на нивните колеги од Скопје, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Штип и Свети Николе, како и за припадниците на Армијата на Северна Македонија и на припадниците на Министерството за внатрешни работи за нивниот придонес, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЈП Македонски шуми, и особено за сите волонтери, кои десетици часови без да ги штедат своето здравје и животите, спречија поголема катастрофа.

Претседателот на Владата, рече дека штетите и последиците се големи и долгорочни, и дека затоа сме должни да извлечеме и некои поуки.

„После вакви катастрофи, локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите. На врвот мора да бидат безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Владата ќе продолжи да го поддржува јакнењето на капацитетите на општините, а тие ќе треба да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и на другите сегменти за превенција од кризи“, истакна премиерот Заев.

Во завршницата на својата изјава за медиумите, премиерот Заев испрати порака дека шумскиот појас околу езерото Младост и секаде каде што пожарните јазици оставија пустош, ќе биде обновен, ќе никнат нови дрва.

„Ќе расте нов живот. Ќе живее Младост во Велес. Децениите за ревитализација ќе ги претвориме во години. Општина Велес, Владата и ЈП „Национални шуми” ќе спроведат брз и координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина. Ќе издвоиме од Буџетот средства за обезбедување садници“, нагласи претседателот на Владата Заев, и додаде дека велешани, скопјани и сите граѓани на нашата земја, повторно ќе доаѓаат на своето омилено излетничко место, и додаде дека Владата, заеднички со Светска Банка и ЕУ, ќе продолжат со реализација на проектот за развој на туризмот на локалитетот езеро Младост, вклучително и цевководно поврзување на локалитетот Велешко езеро со браната Лисиче за наводнување на целиот овој регион.

Translate »