Крвта ни ја испивте! Доста е! Скапан систем – блокади низ Скопје поради поскапувањето на струјата

Со блокади на неколку раскрсници низ Скопје, со возила, пеш или на велосипеди, повеќемина демонстранти и овој петок го изразија револтот поради поскапувањето на струјата.

Скандирајќи „Правда за сите“, „Социјална правда“, „Струјата е право, а не привилегија“, но и „Доста беше молк“ и „ЕВН лопови“, тие побараа од Регулаторната комисија да ја врати старата цена на струјата која беше поевтина за скоро 8 %.

„По двата успешни протестни маршеви во изминатите две недели, решивме да ја сензибилизираме јавноста со тоа што во работно време ќе организираме блокади. Ова е можеби непопуларен потег за многу граѓани или работниците што одат на работа, но сакаме сите да се запознаат со овој проблем, поради тоа што сите не следат медиуми, за следните петоци кога обично се одржуваат овие маршеви, да имаме помасовни протести пред институциите што се виновни за ова. Барањата се јасни и изложени досега, да се укине одлуката за поскапување и дополнително да се намали затоа што изминатите години само се поскапуваше, а тоа не го следи во чекор животниот стандард“,  порача Зоран Василевски, еден од демонстрантите кои беа на блокадите на раскрсницата кај „Палома бјанка“.

Тој потсети дека во барањата на протестите е и ревидирање на старите налози за плаќање сметки од пред 15 години, како и да се тргне обврската за плаќање камати за должниците. Ако нема слух за овие барања, ќе побараат национализација на енергетскиот систем.

Борбата продолжува, најавија демонстрантите.

Translate »