ХИТЛЕРОВИТЕ ПРОПАГАНДНИ ЛАГИ И ПРВАТА ЖРТВА НА ВОЈНАТА
Францишек Хониок, првата жртва во Втората светска војна, долго време бил заборавен. За неговата смрт бил одговорен Алфред Наујокс, кој по завршувањето на војната останал неказнет.
Еден темен автомобил на 30 август 1939. година околу пладне запрел пред ресторанот Јерцомбек во Лубе, во Горна Шлезија. „Двајца цивили, кои никогаш претходно не сум ги видела, заедно со старешината на ловците М. влегоа во нашата гостилница. Седнаа на една маса и од Хелена побараа две чаши пиво“, ова сеќавање на гостилничарката го објави магазинот „Шпигел“ во 1979 година. „Во меѓувреме го завршив ручекот и ја пратив Хелена да го повика нашиот 18-годишен син Фридхелм. Хелена се врати и ми раскажа дека М. го пратил Фридхелм да го викне Хониок. Бев лута, зашто М. го пратил син ми некаде, без да ме праша за дозвола“.
Фридхелм почукал на погрешна врата и се вратил без Францишек Хониок. „По десетина минути, дојде инспекторот (еден од двајцата непознати) водејќи еден низок маж, стар околу 30 до 40 години по моја проценка“, се присетува угостителката. „Инспекторот го држеше човекот за ракав, а тој изгледаше изненаден.“
Нацистите ги нарекуваат „конзерви“
„На фирерот му е потребен повод за војна“, рече шефот на службата за безбедност Рајнхард Хајдрих во август 1939 година. Планот бил едноставен – Германците треба да инсценираат низа упади преку границата изведени наводно од Полјаци.
Најважен од тие изрежирани инциденти бил нападот на „полските илегалци“ врз германското радио во Гливице во Горна Шлезија. „Внимание! Овде Гливице. Радиостаницата се наоѓа во полски раце“ – нацистите сакале овие зборови да го обиколат светот. Во стварност, зад целиот напад стоела една ЕсЕс-единица предводена од Алфред Наујокс.
„Лагата која е така конструирана, го одзема здивот“, вели историчарот Флоријан Алтенхенер во разговор со Дојче веле. Тој е автор на книгата „Човекот кој ја почна Втората светска војна. Алфред Наујокс: фалсификатор, убиец, терорист“. „Од друга страна, мора да се запрашаме зошто тој режим не се потпирал на својата моќ, туку сакал да создаде впечаток на морално дело, така што германската офанзивна војна морал да ја правда како одбранбена. Тоа е чудно сфаќање на силата.“
Полска – радиото во Гливице
Акцијата со радиостаницата пропаднала од технички причини. Пропагандната порака можела да се чуе само на мало подрачје околу Гливице. Во Берлин не ја чуле. Во радиостаницата така останало телото на еден од наводните „полски напаѓачи“. Нацистите цинично го нарекувале „конзерва“. Безимениот мртовец бил Францишек Хониок, оној по кого го пратиле младиот Фридхелм.
Наујокс отфрлал секаква одговорност за смртта на Хониок. „Тоа беше политичка задача извршена по наредба“, изјави во 1963 година во интервју за „Шпигел“.
Неколку часа по инсценираниот инцидент во Гливице, се изведени уште два фингирани напади: на една шумарска куќа во Бичин и на една гранична караула во Стодол. И таму имало „конзерви“, овојпат тоа биле затвореници од концентрациониот логор Заксенхаузен.
„Полска ноќеска првпат пукаше врз наша територија. Од 5:45 стрелбата се возвраќа“, најавил Хитлер на 1. септември 1939 година. Погрешил за еден час, но тоа не било битно. Весниците, првенствено органот на Националсоцијалистичка германска работничка партија „Фолкишер беобахтер“ огорчено ги коментирале полските „напади“. Пропагандната лага ја исполнила целта: Германија наводно немала друг избор освен да се брани.
Совршена жртва
80 години подоцна седиме во градината на семејството Хониок во Горна Шлезија: Марија, вдовицата на Павел Хониок, внук на Францишек, нејзиниот син Дамијан, неговата партнерка Моника и јас, репортерка на Дојче веле. Марија долго ја посматра фотографијата на Францишек. „Има бакембарди како дедо ти“, му вели потоа на Дамијан.
За Францишек знаеме многу малку. Тој продавал земјоделски машини, бил германски државјанин, ја симпатизирал многу Полска. Дури и учествувал во едно од трите шлески востанија во кои жителите на Шлезија барале провинцијата да биде вратена во состав на Полска. Се знае и дека присуствувал на првиот Конгрес на Полјаците во Германија.
Потомците на Францишек – Дамијан, Марија и Моника
„Сопругот ми раскажуваше дека родителите шепотеле кога зборувале за него, дека децата морале да излезат од собата. Се плашеле“, се сеќава Марија. Прво од Гестапо, потоа од Советите, па на крај од полските служби за безбедност.
„Знам дека татко ми, брат на Францишек, секогаш беше горд на него“, изјави Павел Хониок во 2009 година за британските новинари кои тогаш го посетиле семејството за да дознаат нешто за неговиот чичко. „Телеграф“ по таа средба објави статија со фотографија на Францишек, единствена која уште постои.
„Тој долго беше табу-тема. Како сите да се плашеа дека ќе ја отворат Пандорината кутија. Дедо ми дури подоцна се обиде да стекне слика за настаните, но не успеа“, вели Дамијан. Павел Хониок умрел во 2014 година.
Денес Дамијан и Моника трагаат по минатото. Документи нема. Војната сѐ уништила. Благодарејќи на книгата на родените во Берлинскиот архив, барем дознале дека Францишек (Франк) Хониок бил роден на 28 март 1899, а не 1898 година.
Франц или Францишек? Германец или Полјак? Тие прашања ја отсликуваат компликуваната судбина на Шлезија.
„Авантуризмот“ на Наујокс
Во кариерата на Алфред Наујокс Гливице било само една од многубројните „акции“ во служба на нацистичкиот режим. На овој ортопедски техничар му се припишува меѓу другото киднапирање на двајца офицери на британската тајна служба во Холандија, фалсификување британски пари, „антитерористички акции“ против движењето на отпорот во Данска. А тука се и трите убиства, меѓу кои и она на Хониок. Наујокс е осуден само еднаш, во 1949 година во Данска, прво на 15 години затвор, а во втората инстанца на пет години. Но веќе во јуни 1950 година бил пуштен на слобода.
Филмски плакат за „Случајот Гливице“
Наујокс се вратил во родниот град Кил, а подоцна се преселил во Хамбург. Се оженил по четврти пат, водел граѓански живот и раскажувал за својот „авантуризам“, како што тоа го формулира историчарот Алтенхенер. „Наујокс е еден од малубројните нацистички извршители кој своите приказни ги кажувал јавно. За него се пишувани статии, често во продолженија. Тоа било можно зашто работите за кои раскажувал биле обвиени со плашт на авантура, приказни од работата на тајните служби. А јавното огорчување тогаш било поинакво кога зборувал за убиства, на пример за оние извршени од неговата оперативна група.“
Во 1961 година Герхард Клајн на еден филмски фестивал го прикажал филмот „Случајот Гливице“, базиран пред сѐ на изјавите на Наујокс. Во Сојузна Република Германија тој е прикажан само во филмски клубови. Во една трговска школа во Хамбург дури требало да биде одржана и приредба со „љубезно учество на Наујокс“. Училишните власти тоа го спречиле во последен момент. Но, државното обвинителство отворило истрага против него, петти обид тој во Германија да биде повикан на одговорност. Залудно, зашто во 1966 година умрел.
Постапката ја презело обвинителството од Диселдорф, каде живеел поранешниот возач на Наујокс. Постапката е прекината поради недоволно докази, но благодарение на него е утврден идентитетот на Францишек Хониок. По три децении жртвата која нацистите ја нарекувале „конзерва“ повторно го добила своето име.
На 80-годишнината од „провокацијата во Гливице“, на 31 август семејството Хониок првпат одржа помен, комеморација за Францишек, првата жртва во Втората светска војна.