Ердоган сака нуклеарна бомба? Неприфатливо е да ни го забрануваат тоа!
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека е неприфатливо нуклеарните сили да ѝ забрануваат на Анкара да набави нуклеарно оружје, но не откри дали Турција има такви планови.
„Некои земји имаат ракети со нуклеарни боеви глави, не е една илии две. А, на нам ни кажуваат дека не смееме да имаме такво оружје. Јас тоа не можам да го прифатам“, изјави Ердоган на собирот на неговата партија „АКП“ во градот Сивас на истокот на земјата.
„Нема развиени земји на светот кои што не поседуваат такво оружје“, додаде првиот човек на Турција, иако голем број на развиени земји ширум светот сепак не располагаат со нуклеарно оружје.
Турција во 1980-та година го потпиша Договорот за забрана за ширење на нуклеарното оружје, а во 1996-та година официјална Анкара исто така го потпиша и договорот за забрана на нуклеарни тестирања кој забранува нуклеарни детонации за било каква цел.
„Блиску до нас е Израел, речиси сме соседи. Тие ги плашат другите народи со тоа што го имаат (нуклеарно оружје). Никој не смее ниту да ги допре“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Аналитичарите проценуваат дека Израел поседува значајно голем и модерен нуклеарен арсенал. Израелците се единствената земја на светот која што во тој смисол водат еден вид на двосмислена политика – не сакаат да потврдат, но и ниту демантираат дека поседуваат нуклеарно оружје.
Инаку, претседателот на Турција не откри дали неговата земја има планови за развој или набавка на такво оружје.