„Херитиџ“: Северна Македонија е најслободна економија во регионот

Северна Македонија е рангирана на 33-то место во светот според индексот на економски слободи за 2019, што го изработи фондацијата „Херитиџ“.

Со резултат 71,1 Северна Македонија е најдобро позиционирана во регионот. Зад неа е Бугарија на 37. место, Косово е 51., Албанија на 52., Србија 69., БиХ 83., Хрватска 86., Црна Гора 92., а Грција на 106. место.

Индексот на економски слободи се изработува врз основа на четири критериуми – владеење на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот.

Според „Херитиџ“, земјата и натаму е макроекономски стабилна, но нејзините економски перформанси се загрозени од внатрешната политичка криза. Се забележуваат слабост на фискалната политика, непродуктивни трошења и натамошно постоење на сива економија која се проценува дека зафаќа 20 – 45 проценти од БДП.

Потребни се структурни реформи и справување со корупцијата и гломазната администрација. Правна рамка постои, но проблем е спроведувањето, што ја поткопува довербата на јавноста дека поостои подготвеност да се гонат корумпираните официјални преставници. Владата донесе некои антикорупциски мерки, но и натаму е присутно политичкото мешање, непотизмот, и одолговлекувањето на судските процеси.

Според извештајот на „Херитиџ“, најголеми економски слободи во светот има во Хонгконг, Сингапур и Нов Зеланд, а најмали во Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Translate »