Хју Грант го нарече британскиот премиер гумена патка
Популарниот британски актер Хју Грант остро го критикува, па дури и го навреди британскиот премиер Борис Џонсон, поради неговата одлука да го суспендира британскиот Парламент.
Актерот на „Твитер“ не штедеше зборови кога го критикуваше Џонсон кого го нарече „прекумерно промовирана гумена патка за капење“.
„Нема да се шегуваш ти со иднината на моите деца. Нема да ја уништиш слободата за која мојот дедо се бореше и што ја бранеше во двете светски војни. Одј**и ти прекумерно промовирана гумена патко за капење. Британија е револтирана поради тебе и твојата мала банда мастурбирачки функционери“, напишал Грант на „Твитер“.
Твитот на актерот предизвика многубројни реакции на социјалните мрежи.
„Хју Грант. Најдобриот премиер што никогаш не сме го имале“, коментирал еден корисник на „Твитер“.
Покрај големиот број позитивни коментари, имаше и негативни реакции. Еден корисник напишал дека неговите предци се бореле во војните, но не за Европа што ја раководи мафија со седиште во Брисел.
Британската кралица Елизабета Втора на средата го одобри планот на Џонсон да ја суспендира работата на Парламентот на еден месец, со што на пратениците им го скрати времето за да го блокираат брегзитот, без договор.
Критичарите и опозицијата тоа го гледаат како противуставен потег и обид за државен удар.