Еден од најголемите светски градови тоне поради климатските промени, се очекуваат ужасни последици

Вториот по големина град во Египет, окружен со море и езеро од сите страни, е многу чувствителен на растот на нивото на морето предизвикано од глобалното затоплување.

Славниот египетски град Александрија, кој преживеал инвазии, пожари и земјотреси откако пред повеќе од 2.000 години го основал Александар Македонски, почнува да тоне поради климатските промени. 

Нивото на морето расте и се заканува да ги поплави сиромашните делови на градот и археолошките локалитети, поради што градските власти забрзано креваат бетонски бедеми.

Силната олуја во 2015-та година поплавила големи делови од градот, предизвикувајќи најмалку шест смртни случаи и рушење на десетина куќи, што ја покажало слабоста на локалната инфраструктура.

Александрија, втор по големина град во Египет, е окружен од Средоземното море од три страни, а на четвртата е свртен кон езеро, поради што е многу чувствителен на растот на нивото на морето предизвикано од глобалното затоплување и топењето на глечерите.

Александрија е една од најпопуларните летни дестинации за Египќанците, но многу од нејзините славни плажи веќе покажуваат знаци на ерозија.

Египетското министерство за водени ресурси предупредило дека нивото на морето од 1993-та година растело за 1,8 милиметри годишно, во минатите две децении за 2,1 милиметар, а од 2012-та растело за 3,2 милиметри годишно, што е доволно да се загрозат темелите на градот.

Земјиштето на кое е изградена Александрија, заедно со делтата на Нил која го окружува, тоне приближно со исто темпо, делумно поради насипите кои спречуваат полнење со кал, а дел поради извлекувањето на природен гас.

Се проценува дека тоа ќе ги влоши ефектите на растот на нивото на морето, што ќе има катастрофални последици.

Истражување од 2018-та година предвидува дека до 734 километри квадратни од Делтата на Нил ќе бидат потопени до 2050-та година, а 2.660 километри квадратни до крајот на векот, што би погодило 5,7 милиони луѓе.

Археолошките локалитети во Александрија кои ја преживеале бурната историја, исто така се погодени.

Александрискиот Светилник, некогаш една од највисоките градби кои ги изградил човекот и едно од седумте светски чуда на античкиот свет, е урнат во земјотрес во 14-ти век.

Славната Александриска библиотека изгорела до темел кога Гај Јулиј Цезар запалил пожар за да ја одбие непријателската флота во 48-ма година ПНЕ.

Меѓутоа, Катбеј, средовековна тврдина изградена на урнатините на Светилникот на крајот од тесниот полуостров, и натаму се надвива над централното пристаниште, преку пат од модерната Александриска библиотека, истражувачки центар основан во 2002-ра година.

Ашур Абдел Карим, шеф на Централната агенција за заштита на крајбрежјето, вели дека тврдината е посебно ранлива бидејќи моќните бранови и струи ги пробиле темелите, поради што властите морале да постават долга низа бетонски бариери.

“Египетската влада која се бори повторно да ја изгради својата економија по нередите по Арапската пролет, доделила повеќе од 120 милиони за бариери и други мерки за заштита на крајбрежјето”, рекол Абдел Карим.

Translate »