Шарената револуција ја создадоа граѓаните, но некои ја искористија за лични интереси!

 

Шарената револуција ја создадоа граѓаните, но некои ја искористија за лични интереси со што директно ги навредија сите чесни и искрени учесници на протестите. А и да потсетиме дека очекуваното ослободување не почна во 2016 година.

Шарената револуција како производ на едно општество во развој, кое имаше потреба од будење и создавање на критички лик, не избувна од никаде и не беше печурка после дожд. Дури и печурките кои раснат после дождот, имаат свои корени, а Шарената револуција влече корени уште од поодамна. Тие стари и млади, бунтовни и критички настроени демонстранти, кои се запознаваа на улиците и кои дотогаш немаа ништо заедничко, сепак имаа една искра која ги спојуваше. Тоа беа сите протести кои се случуваа во ова општество од 2009 година па наваму во кои имаше студенти, пензионери, граѓани од сите нивоа на општеството.

Но дали ние кои излегувавме на улица и баравме правда и слобода, останавме со горчлив вкус во устата и чувство на предавство после неполна една година од новата влада? Критиките за лошите кадровски решенија станаа се почести и погласни, а независните пратеници како Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ не пропуштија да ја бранат политиката на Владата, ставајќи ја под прашање нивната независност. Сепак, нив и останатите кои добија фотељи само за своите интереси, да ги потсетиме дека борбата од која некои добија корист а други останаа на улица, не почна со Шарената револуција.

Како почнавме

Храбрите студенти во март 2009 година излегоа на протест против наводната градба на црква на плоштадот во Скопје. Демонстрантите од Првата Архи бригада, за жал, беа и првите чиј протест заврши со физичка пресметка, поточно ги нападнаа жестоките поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ замаскирани во наводни поддржувачи на МПЦ и неизградената црква.

Подоцна, по неколку години и откако ескалираа протестите, новинарите кои детално ги анализираа фотографиите од тогашните судири и следните контра протести заклучија дека едни исти луѓе се појавуваат како насилници, со или без качулки. Членови и симпатизери на ДПМНЕ, платени да тепаат.

Следните побројни протести беа во јуни 2011 година после смртта на Мартин Нешковски. Благодарејќи на протестите и притисокот на јавноста, брзо се најде сторителот и беше осуден, но нешто што се` уште одѕвонува во јавноста е дел од прислушкуваните разговори каде бившата министерка за внатрешни работи Јанкулоска се лути затоа што не може да сокрие убиство.

Гледано од овој временски агол, на моменти овие протести беа меки и недоволно агресивни во споредба со грозоморноста која ја слушнавме од разговорите и пресијата која ја живеевме 11 години. Во периодот од 2011 до 2014 година се случуваа и други протести, и во останатите градови на државата. Не смееме да ги заборавиме протестите на здружението АМАН против покачувањето на цените на парното греење и струјата. протестите против загадениот воздух во Битола, Тетово и Скопје и зголемениот број на заболени од рак на бели дробови. Мизогините (омраза кон жените) измени на Законот за абортус со кој жената се ставаше во категорија на малоумен граѓанин и со кој и се отежнуваше пристапот до абортус, повторно поттикнаа протести. Врв на уништувањето на македонското здравство, кое исто така извади луѓе на улица, беше смртта на Тамара Димовска од Велес. Ако не беа протестите, ретко кој ќе знаеше што му се случи на ова девојче и кој е виновен за нејзината смрт.

Како што продолжува листата на протести, така се градеше критичката мисла и бунтовноста кај граѓаните. Уништениот здравствен систем не ги засегаше единствено богатите и политичарите кои за себе си имаа резервно здравство. Она приватното, кое сами го создадоа. Глас креваа дијабетичарите против отровните инсулини за чие потекло на увоз немаше докази, болните од рак за кои недостатокот од цитостатици беше секојдневие. Борбата против пакетот измени во законите за придонеси и даноци ги засегнаа и хонорарците кои исто така излегоа на протести бранејќи си го парчето леб кое дополнително го носеа во сиромашниот домашен буџет. Сомнителната смрт на новинарот Никола Младенов беше вовед во ново поглавје и лицето на диктатурата на ДПМНЕ. Неколку дена после неговото загинување, го уапсија новинарот Томислав Кежаровски. И ова ги изнесе граѓаните на протест. Бизарноста да биде поголема, изговорот за апсење беше за негов текст објавен пред четири години.

Студентите ни одржаа лекција

Впечатокот дека имаме инертни и незаинтересирани средношколци и студенти, на македонското општество им го разбија студентите со своите протести во ноември 2014 година против измените во Законот за високото образование. Блокадите на факултетите, автономната зона, Студентскиот пленум, а потоа и Професорскиот пленум беа знак дека македонската критичка мисла е будна и дека борбата нема да ја водат само старите кои не заборавиле како е да си партизан во борба против фашистичкиот окупатор.

Студентите извојуваа победа, а следен удар беше објавувањето на „бомбите“. Иако објавувањето на „бомбите“ почна во март 2015 година, иницијалната каписла за масовни протести беше доказот дека убиството на Мартин Нешковски требало да биде заташкано. Денот 5 мај македонските граѓани ќе го паметат по масовноста на протестот, чувството на бес, згрозеност, но и непотребното насилство кое полицијата го употреби да ги разбие демонстрантите. Снимката на тепањето на невините студенти во градската библиотека во Скопје го обиколи целиот свет и во целост го покажа лицето на режимот. Тој ден беше и причината за формирање на неформалното движење „Протестирам“ и слоганот „5 мај до крај“. Крајот беше ослободување од првата диктатура од македонско производство.

Круната на криминалот и алчноста на врхушката на ДПМНЕ заедно со желбата да се спасат додека може, беше аболицијата од страна на претседателот Иванов на 52 осомничени функционери. Таа среда на 14 април 2016 година демонстрантите се` уште не фрлаа со боја туку бесот го искалија на таканаречената народна канцеларија на претседателот во центарот на градот. Очигледно беше дека никој од демонстрантите кој сведочеше на палењето на оваа канцеларија воопшто не му беше грижа за штетата или пак за некојси углед на претседателот. Со таа одлука, Иванов престана да биде претседател на граѓаните на Република Македонија и докажа дека е само кукла на конци кои ги влечат луѓето од ДПМНЕ.

Протестите кои следуваа после овој инцидент продолжија со фрлање боја кон државните институции кои носеа криминални одлуки против граѓаните. Министерството за правда, Министерството за надворешни работи, Собранието, Министерството за финансии, спомениците од барокното фалш лудило, сите беа обоени со боја. Симболот на диктатурата, Министерството за внатрешни работи не беше обоено, полицијата го бранеше како Бастиља.

Што добивме, а што допрва треба да правиме

Тие 11 години на режим, тортура, жртви и комплетно девастирање на државата, родија критички настроено општество, со наострено чувство за праведност, борба против корупција, непотизам и кронизам. Шарената револуција ги обедини македонските граѓани во борбата за слобода. Не знаеме дали оваа револуција успеа да донесе слобода и да тргне со конкретни чекори во департизација на целиот систем иако гласните критики се повеќе укажуваат дека некои „револуционери“ ја изедоа револуцијата.

Ние имаме луѓе кои си ја знаат професијата во секој сегмент и сектор од општеството, а имањето партиска книшка за нив дури е и навреда. Партијата треба да престане и да се гледа од народот, а и самата таа партија да се претставува како единствена агенција за вработување. Така ќе можеме компетентните да ги поставиме на места каде што ќе може нивниот потенцијал и способност да дојдат до израз на заедничко задоволство.

Почетоците од основањето на новата влада на СДСМ не даваат знаци дека нешто се променило. Отпорот кон гнилата партизација и корупција се` уште е жив и прилично гласен. Ако дозволиме тој да умре, ќе умре и општеството создадено на улиците и преку протестите. Како што се бориме за чист воздух и почва повикувајќи се на тоа што ќе им оставиме на децата, така треба да внимаваме и каква држава ќе им оставиме во наследство.

м-р Соња Стојадиновиќ

 

преземено од

http://respublica.edu.mk/blog/2018-03-20-09-08-13

Translate »