Американскиот ексцентричен милионер: Ќе ја претворам Македонија во европска канабис суперсила

Американскиот мултимилионер и претприемник во областа на одгледување на марихуана, Мајк Штрауметис, изненадил дел од граѓаните на Македонија со објавената фотографија со премиерот на државата Зоран Заев на Инстаграм, со опис дека, меѓу другото, се радува што ќе биде дел од “претворањето на Северна Македонија во една од првите европски канабис суперсили”.

“Северна Македонија има голем потенцијал”, напишал Штрауметис и најавил “големи работи” и ги повикал сите да ја следат ситуацијата. 

Штрауметис, инаку, е познат на Инстаграм под прекарите “Големиот Мајк” и “Дон на Марихуаната”.

Откако дел од јавноста се побунил наведувајќи дека владата не ја најавила посетата на овој претприемник, од извршната власт, како што се наведува, соопштиле дека не се должни да ја известуваат јавноста за сите состаноци кои се одржуваат на дневно ниво.

Филип Достовски, активист од организацијата “Зелена Алтернатива” и еден од најгласните заговорници за легализација на канабис во Македонија, вели дека посетата на американскиот бизнисмен не била изненадување.

Се знаеше дека ќе дојде до оваа посета, затоа што во Северна Македонија сега од целиот свет доаѓаат инвеститори и луѓе кои се разбираат во марихуана. Тоа е нормално и природно, бидејќи имаме таков закон и тука канабисот се произведува, вели Достовски.

Во Македонија одгледувањето на канабис во медицински цели е легално од 2016-та година, кога во парламентот биле усвоени амандмани на постоечкиот Закон за контрола на опојни дроги и психоактивни супстанци.

“Јас мислам дека би требало лекарите и медицинските компании тоа повеќе да го прифатат, ми се чини дека најмногу приговори има од тие страни, додека од друга страна политичарите и бизнисмените се оние кои го туркаат да помине – но така е тоа денес секаде во светот”, вели Достовски, кој учествувал во работни група за промена на законот во 2016-та.

Досега се издадени вкупно 27 лиценци за одгледување на марихуана во медицински цели, велат од Министерството за здравство на Македонија за “BBC на српски”.

“Одгледувањето на канабис во медицински или научни цели е дозволено само за лица кои за тоа имаат одобрение од Министерството за здравство, и тоа со претходна согласност од владата. Тоа правно лице мора да исполнува услови пропишани со закон”, наведуваат во Министерството.

Премиерот Заев е еден од погласните заговорници за отворање на земјата кон нови пазари и ги охрабрува домашните бизнисмени да влезат во нов, исплатлив бизнис.

Неговиот роднина Трајче Заев е еден од инвеститорите во оваа област.

Translate »