Безредие: Дивоградбата во Охрид ја „бранат“ со камион
Утринава во Охрид продолжи акцијата за рушење на дивоградбата на улицата „Марко Нестороски“.
Сепак, властите привремено беа попречени во уривањето на спорниот објект со тоа што пристапот до дивоградбата беше блокиран од камион, мебел и платно околу товарното возило. Покрај тоа, се собраа и повеќе граѓани исто така со намера да го попречат уривањето на куќата.
Поради тоа, од охридската полиција беа приморани да ја затворат улицата во двата правци, а беа поставени и заштитни огради со цел работниците непречено да продолжат да ја уриваат дивоградбата.
Граѓаните на Охрид најавуваат и протести пред зградата на Општината поради намерата на градските власти да стават крај на безредието кое што владее во градот. Имено, во градот има 1076 дивоградби, од кои во заштитеното подрачје има 409, поради што реагираа и од УНЕСКО.