Италија: Отворање на економијата на 4-ти мај, училиштата ќе се отворат во септември

Италија повторно ќе ги отвори производните капацитети на 4-ти мај во рамките на мерките за ублажување на карантинот, а училиштата ќе бидат отворени во септември изјави денес италијанскиот премиер Џузепе Конте.

„Работиме на тоа да дозволиме повторно отворање на голем дел од компаниите од производните до градежните компании на 4-ти мај“, изјави Конте за весникот „Ла Република“.

Тој додаде дека мерките ќе бидат претставени најдоцна на почетокот на идната седмица.

Италија беше првата европска земја која беше тешко погодена од новиот коронавирус и првата земја која воведе карантин во текот на март. Сега Европа и целиот свет ги следи постапките на италијанската влада во отворањето на економијата, додека истовремено практично целиот свет размислува за етапно укинување на мерките.

Конте изјави дека компаниите треба да воведат строги здравствени безбедносни мерки пред да им се дозволи отворање.

Италијанскиот премиер истакна дека некои компании кои се сметаат за „стратешки“, вклучувајќи активности кои се претежно ориентирани кон извозот, би можеле да ги отворат своите погони веќе во текот на идната седмица.

Премиерот Конте меѓу другото порача дека училиштата повторно ќе бидат отворени во септември, нагласувајќи дека ризикот од зараза е многу висок. Според него, онлајн наставата во земјата функционирала одлично.

Translate »