Филипче-грижата за пациентите е наш врвен приоритет
Од 1 октомври граѓаните на Република Северна Македонија имаат достапни лекови во кој било период од месецот. – порача на денешната прес конференција министерот за здравство и претседател на комисијата за здравство Венко Филипче со што, како што рече, е докажано дека грижата за пациентите е врвен приоритет на СДСМ, водејќи вистински политики во интерес на сите граѓани.
„Целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава. Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз овозможи достапни лекови за пациентите во секое време. Мерката што ја најавивме во нашата изборна програма веќе е реалност, обезбедувајќи квалитетни здравствени услуги и лекови согласно потребите на граѓаните.“ порача Филипче потенцирајќи дека со тоа е решен децениски проблем.
-Во месец август почна првата фаза од укинувањето во аптеките во Охрид, Ресен, Струга, Дојран и Гевгелија каде граѓаните повеќе немаат страв дека може да останат без потребниот лек. Нивната терапија е обезбедена и секој пациент е снабден со лекови согласно нивните реални медицински потреби, без да прават залихи на лекови во нивните домови. Доколку осигуреникот не може сам да го подигне лекот, тогаш го подигнува друго лице во негово име и тоа лице се легитимира со сопствената лична карта или пасош. На овој начин точно може да се провери во секое време дали лековите ги добиваат лицата на кои се препишани. – рече министерот за здравство.
Тој на прес конференцијата се осврна и на унапредувањето на условите за работа на здравствените работници.
-Досега се подобрени условите во 10тина јавно-здравствени установи, а следува подобрување на условите во други 34 ЈЗУ. За две години повеќе од 5000 согласности издадовме за вработување, а ги зголемуваме и платите на здравствените работници. Водиме вистинска грижа за пациентите со ретки болести. Воведовме 5 нови лекови за овие лица и значително го зголемивме буџетот. Од 213 милиони денари, на 485 милиони денари. Воведовме три нови инсулини. Дијабетичарите сега имаат обезбедени лекови со сертификат за квалитет, а до пред 2 години, тие добиваа лекови без сертификат за квалитет и без никаков ефект.- рече Филипче ветувајки дека ќе продолжат со политиките кои значат подобро здравје и подобар живот за сите граѓани.