По трагите на чалгијата до „Ќеиф“
Чалгијата е музички код кој се провлекува низ многу генерации кои живеат на ова тло. Нејзиното постоење e инспирација која долги години тлеела кај Блаже Дулев и Ристо Солунчев, а денес веќе е заокружена со создавање на музички документарен филм насловен како „Ќеиф“, во продукција на Аворд филм и видео.
„Ќеиф“ своjа премиера ќе има во понеделник, на 11 ноември во рамки на полнолетното издание на овогодинешниот „Синедејс“. Во продолжение следува интервју со Блаже Дулев, режисер и Ристо Солунчев, сценарист на филмот.
Ова е музички документарен филм кој зборува за чалгијата. Дали нејзиното исчезнување беше провокација за создавање на филмот?
Блаже: На крајот на телопот на филмот „Ќеиф“ стои „Вистински си мртов кога никој не те спомнува…“. Ние денес зборуваме за чалгијата, се трудиме во овој филм да и направиме постамент, но не затоа што е мртва, туку за да има кој на неа да се сеќава.
Ристо: Сметаме дека чалгијата во Македонија не е целосно исчезната, ниту беше таква ситуацијата пред 20 години. Но, би можело да се рече дека нејзиното значење и присутност во современоста се доведени во прашање. Нас нѐ привлече токму нејзиното постоење и нејзината суштина, а не исчезнување, веројатно како што и многу луѓе бидуваат маѓепсани од нејзината естетика и денес. Филмот за македонската чалгија е нешто што режисерот Дулев го носи и сонува веќе долги 15 години, а приказната трае уште од времето на проектот за ревитализација на чалгијата на Оркестарот Пеце Атанасовски што беше поддржан од Холандската амбасада. Еве конечно тоа сонување се остварува.
Како минуваше целиот процес за снимање на филмот? Според временскиот распон кој што е земен, на него му преходела истражувачка работа.
Блаже: Петнаесетина години ова прашање не мачеше повеќе или помалку, но остануваше во нас излегувајќи од време на време на површина и некако стана приказна која моравме да ја раскажеме. Благодарение на продукциската куќа Авард филм и видео која ја препозна оваа приказна се нафативме заеднички исклучително документаристички да се втурнеме во овој амалгам кој се отплеткуваше камче по камче, и повеќе имав чувство на археолог кој од чакалот на земјата и времето го откриваше прекрасниот музички мозаик.
Ристо: Истражувано е безмалку две децении. Во рамките на Оркестарот Пеце Атанасовски ние го спознавме и изведувавме нашиот бесмртен изворен фолклор што потекнуваше од селата. Но, секогаш нѐ обземаше и чалгијата, мене лично повеќе како слушател и како философ на музиката. Ме возбудуваше нејзината природа и нејзиното место во нашата култура оти таа беше градски феномен. Во филмот сето долгогодишно истражување на феноменот чалгија е збиено во саат и половина. Истражувана е врската на чалгијата со нашиот изворен фолклор, но и со великата класична музичка традиција на Истанбул што се протега временски од почетоците на Византиската источно-ромејска империја и нејзината црква, па се до височините на Отоманска класична турска музика како последна и најсовршена форма на системот на маками, или макамскиот свет како што се нарекува на Истокот.
Снимајќи го „Ќеиф“, каде се` најдовте траги од чалгијата? Што ново дознавте за неа?
Блаже: Трагите на чалгијата најпрвин како повик ги пронајдовме во нашите вени. Логично се запрашавме од каде тие траги во нашата ДНК, следејќи ги тие траги во далечното минато ние трагавме по музиката и нејзините корени за да дојдеме до слободата. Затоа што музиката е слобода.
Ристо: Барајќи ги корените на нејзиниот музички систем и јазик нужно бевме упатени да бараме врски и споеви. Македонската чалгија всушност оригинално се создавала во рамките на еден прекрасен космополитски музички систем што исходел од универзалните откровенски модалитети на посочениве империи. Секако Истанбул или Цариград беше местото кадешто природно бевме упатени. Таму разговаравме со професори и музичари што ја познаваат историјата на Отоманската класика и во многу нешта тие ја потврдија идејата што ја имавме. Македонската чалгија се развивала како рефлексија на музичките збиднувања во Цариград 19 и почетокот на 20 век, во смисла чалгаџиите се напојувале од неверојатните музички форми на турската класична музика што цутела во Истанбул, но и од византиската култна музика што се задржала во црквата, затоа што и двете овие музики припаѓаат на истиот музички јазик, стил и естетика. Но во исто време нашите чалгаџии го синтетизирале овој стил со локалниот фолклор не само на македонците туку и на сите други што живееле во Македонија. Спој на еден космополитизам со друго ниво на космополитизам но и со локален исклучителе фолклор. Мора да се разбере, чалгијата не е туѓ инфилтрат во нашата култура, некаков ориентализам и турцизам. Таа е препознавање на класичниот музички јазик на овие империи како универзален стилски чадор што столетија ја конституирал нашата културна свест. Инаку вид на чалгија можете да најдете и во Истанбулската нова градска музика наречена Фасиљ, но и во ребетико музиката, секако и по Балканот има состави коишто се доближуваат до градските чалгиски состави од Македонија.
За потребите на снимањето собравте и многу музички популарни имиња. Има ли разлика во нивниот однос кон овој вид музика? Дали секаде е таа еднакво позната и популарна или веќе се препознава како фолклор?
Блаже: Следејќи ги самите корени или прапочетоци на чалгиската музика во Иранската музика имавме среќа да снимаме персиски музичари, професори, музиколози како Ердешир Кашкар, Халид Реза Нурбаш и Бехдад Бабаи кои ни објаснија за врските на три-четри илјадната музичка традиција и нивната поврзаност со макамите. Тој свет на Макамска музика уште повеќе ни го отвори Кудси Ерѓунер познат музичар и музиколог кој живее и работи во Париз, а блискоста на тие светови ни ги пренесе и Омар Фарук Текбилек кој живее и работи во Л. А. САД, па преку низата на професори, музиколози, историчари, но и големиот протпсалт Панајотис Неохоритис од вселенската Патријаршија во Истамубул ги утврдивме врските на класичната отоманска музика со византиската, но и ја утврдивме оргиналноста на македонската чалгија која преку хроничари и преостанатите музичари кои се уште се живи и активни ја отсликуваме засебноста на секој од тие чалгиски центри во Македонија.
Ристо: Односот на последните чалагџии во Македонија кон овој тип музика е исклучителен. За нив чалгија е духовност и медитативна проекција на музичкиот логос. Чалгијата никако не е само фолклор. Фолклорот се влева во неа и таму добива друга ипостас, друга форма. Ми се чини дека раскошноста на чалгијата секогаш ќе ја поставува нејзината вонвременост во контекстот на популарноста. Таа не губи од убавината никогаш.
Скопје, Охрид, Велес се градовите со чалгаџиска традиција, што од тоа е останато денес?
Блаже: Денес во тие градови се уште има по некои активни состави кои горе долу се надоврзуваат на традицијата. Но, преку учење од се уште живите мајстори на чалгиите од таа трета генерација како што се големиот кларинетист од Битола Вефки Амедов или виолинистот од Ваташа Димо Дулот или во Велес ја имаме чалгијата на Тасо каде што има претставници од фамилијата Мачевци или пак во Скопје Раим Баки мајстор на ут ил Џенгис Ибраим на канон. Значи преку овие имиња се уште может да се чујат звуците на чалгијата, но секако имаме и нови состави кои се трудат овој звук да не биде заборавен од времето.
Ристо: Во Охрид скоро целосно е замрена традицијата на познатата чалгија Охридски трубадури. Скоро по сите градови можете да сретнете по некој чалгаџија, но како остатоци од едно живо време. Се плашам дека полека таа наша градска традиција исчезнува. Но радува фактот дека има исклучителни млади луѓе што продолжуваат да ја свират онака како што е потребно. Такви се Мерак чалгија.
И пред премиера, какво е чувството по завршениот „Ќеиф“?
Блаже: После завршувањето на филмот имам чувство дека камчето кое петнаесетина години ми стоеше во чевлите конечно го извадив т.е. приказната која не прогонуваше конечно ја раскажавме.
Ристо: Баш ни е ќеиф!